| четврток, 6 декември 2018 |

Петров: Опозицијата не смее да биде против предвремени парламентарни избори

Изборите во 2006 година ги загубивме поради тоа што не ја ценевме доволно шансата што ни ја дадоа граѓаните - да работиме во нивно име за подобар просперитет на земјата. Правевме грешки, недоволно се залагавме и луѓето нѐ казнија

Влегов во Собранието за да придонесам да се направи измена, партијата да дојде на власт – коментира поранешниот генерален секретар на СДСМ, Андреј Петров. Тој смета дека, која и да е партија, не може да си дозволи да биде против предвремени парламентарни избори. Објаснувањето е едноставно – власта се добива и губи на избори, не постои друг начин за промена на власта. Верува дека ГРОМ на Стевче Јакимовски и Граѓанска алијанса за позитивна Македонија на Владо Бучковски ќе земат значаен број гласови, но тој број нема да биде ни од далеку доволен за да бидат некој позначаен фактор на политичката сцена. Сепак, коментира Петров, штетата што може да му ја направат на СДСМ е голема. Три-четири пратенички места, кои, на пример, би ги зеле овие две партии, би значеле шест-седум загубени пратенички места за СДСМ.

Петров по завршувањето на мандатот останува во политиката, но без политичка функција. Вели дека нема желба за нов пратенички мандат, туку ќе се посвети на својата струка – медицината.

 

Колку имиња се во игра за кандидат за претседател од редовите на СДСМ? Кои се тие, каков е нивниот профил? Кога СДСМ ќе излезе со кандидат што ќе влезе во трката за претседател на Македонија?
Петров: Мислам дека сигурно ќе бидат исфрлени повеќе кандидати за претседател на државата поради тоа што процедурата е во тек низ партиските тела. Голема партија како СДСМ има обврска, поради својот досегашен влог во државата, да понуди најдобро можно решение во интерес на граѓаните на Република Македонија. При тоа, секако, водејќи сметка, пред сѐ, за демократската традиција во партијата и за широката консултација на членството, на базата, при номинирањето на кандидатите. Се разбира, клучната одлука ќе треба да ја донесе највисокото партиско тело, Конгресот, во својство на конвенција.

Убеден сум дека во СДСМ има огромен кадровски потенцијал, а со тоа и луѓе што ќе одговорат на предизвикот. Видете, голема чест е да се биде кандидат на СДСМ за која било функција, но, секако, дека е најголема да се биде кандидат за претседател на Македонија. Да не зборувам за тоа дека нема поголема чест за кој било граѓанин на секоја земја од тоа да биде претседател на сопствената земја и да работи за интересот на сопствениот народ.

Преговарате ли со некоја албанска партија за заеднички кандидат?
Петров: Не би можел да ви дадам одговор на ова прашање бидејќи не сум дел од потесното раководство на СДСМ во моментот. Ниту би сакал да шпекулирам ниту да прејудицирам. Не знам. Ако ме прашувате за лично мислење како поранешен генерален секретар на партијата, мислам дека треба да се најде личност што е прифатлива за сите граѓани. Со поддршка во електоратот, не во елитата. Граѓаните се тие што одлучуваат, а тие немаат само етнички предзнак. Лично, противник сум на пазарења бидејќи секогаш, без исклучок, завршуваат без успех. Тоа би било сметка без крчмар.

Постои ли можност да не успеат изборите поради цензусот?
Петров: Цензусот од 40 проценти од гласачите што излегле на гласање во вториот круг на изборите е многу висок. Веројатно е многу тешко да се повтори времето кога Глигоров и Црвенковски, со својата харизма, го достигнуваа и прагот од 50 проценти во вториот круг, или, пак, набојот на битката меѓу покојниот претседател Борис Трајковски и Тито Петковски. Не е ист ниту интересот на граѓаните за учество на претседателските избори, кои, за разлика од парламентарните, не менуваат многу во нивниот секојдневен живот. А, ни значењето на улогата на претседателот на државата во последниот мандат не може да се спореди со влијанието на неговите претходници врз политичките текови во земјата. Иако личностите се тие што можат да променат сѐ. Фотелјата не го дава авторитетот, туку личностите ја прават функцијата и ѝ даваат сила.

Andrej-petrov-int77-2

„Не би го коментирал раководството иако десет месеци е добар период за да се стекне впечаток за работите. Тие ја добија довербата на Конгресот за да го донесат СДСМ до победа“

Дали сметате дека со договорот за измени на Изборниот законик се исполнети условите за предвремени парламентарни избори? Сака ли СДСМ предвремени избори?
Петров: Договорот за Изборниот законик значи дека и власта и опозицијата ги прифаќаат условите на игра. Ние во 2011 година не успеавме да се договориме. Имавме сериозни разлики со Никола Груевски. За тоа можам да зборувам како директен учесник на тие преговори во Клубот на пратениците. Разликите беа толку големи што ние не се согласивме со таков пристап и тоа резултираше со усвојување Изборен законик без консензус првпат во историјата на плурална Македонија. Сега имаме спротивна ситуација, при која изборните правила се заеднички прифатени. А, тие, секако, се предуслов за одржување фер и демократски предвремени парламентарни избори.

Во однос на вториот дел од прашањето, не би можел да зборувам во име на СДСМ, тоа е прашање за претседателот и за заменик-претседателот на партијата, кои имаат конгресен легитимитет. Можам да го истакнам својот став дека секоја опозиција,која и да е, не може да си дозволи да биде против предвремени парламентарни избори. Власта се добива и се губи на избори. Не постои друг начин за промена на власта. Доколку не се стремите постојано кон таа цел, да ја освоите власта, за да можете да раководите со земјата на поинаков начин од актуелната власт, нема што да барате на местото што го имате.

Преговарате ли со некоја партија за коалиција?
Петров: СДСМ е во формална коалиција со „Сојузот за иднината“. Колку што јас знам, од оваа коалиција по своја волја е излезен Стојанче Ангелов, а по сила на нарушување на договорот за коалиција партиите на Драгиша Милетиќ и на Ивон Величковски. Ние со Црвенковски вложивме многу труд за да се формира „Сојузот за иднината“ и да опстане во многу тешки услови. До каде се работите сега и каква е политиката на актуелното партиско раководство не би можел да кажам бидејќи за тоа прашање сѐ уште не е разговарано на Централниот одбор на партијата, кој вообичаено донесува одлуки за такви крупни работи низ дебата.

Какви се Вашите очекувања во однос на резултатите, односно колку пратенички места би освоил СДСМ доколку во април се одржат предвремени парламентарни избори?
Петров: Се надевам дека анкетите што покажуваат „тесна разлика“ меѓу власта и опозицијата се релевантни и дека заедно со незадоволството кое постои во јавноста од 8-годишното владеење на оваа власт може да се предизвика пресврт. Не сакам да лицитирам со бројка. Ирелевантно е дали СДСМ ќе има 42 пратеника во коалиција како досега во нашиот мандат или, пак, 27 како во претходниот мандат. Клучното прашање е дали бројот на освоени пратеници гарантира составување влада. Само тоа носи промена за граѓаните на Македонија и сатисфакција за членството на СДСМ.

Колку фракциите влијаат на партијата? Сметате ли дека ГРОМ и Алијанса за позитивна Македонија се сериозна закана на СДСМ? Дали може да ѝ нанесат штета на СДСМ како што се случи со НСДП на изборите во 2006 година кога освои седум пратенички места?
Петров: Нема фракции во СДСМ. Барем јас не познавам такви. Нема ниту една официјална изјава на поранешен член на потесното раководство на партијата (претседател, потпретседатели, генерален секретар) во која се критикува сегашното партиско раководство. Ова е сосема спротивно од поранешниот период на многубројни колумни и изјави на поранешни членови на СДСМ (од првата петорка) кои отворено нѐ критикувале за начинот на водење на партијата. И ние го издржавме тоа како раководство. Се разбира, секој има право на свое мислење, но тоа сега се искажува внатре во органите на партијата. Нормално е во голема партија како СДСМ да има различни погледи за тоа како да се дојде до целта. На крај, изборите се верификација дали одредена стратегија била успешна или не. Сѐ друго е декор. Заев ја има мојата целосна поддршка за победа на парламентарни избори.

Мислам дека ГРОМ и Алијансата не треба да се потценат воопшто бидејќи, според мене, 90 проценти од нивниот електорат припаѓаат, условно речено, на опозициското поле. Друго прашање е дали тие дејствуваат како опозициски партии. Моето мислење, според тоа што го зборуваат, е дека се поблиски во ставовите до владејачката партија иако се обидуваат да играат широко за да ја мултиплицираат сопствената поддршка и да не ги загубат опозиционите гласови. Според мене, овие две партии ќе земат значаен број гласови. Тој број нема да биде ни од далеку доволен за да бидат некој позначаен фактор на политичката сцена, но штетата што можат да му ја направат на СДСМ е голема.

Andrej-petrov-int77-3

 „Цензусот од 40 проценти од гласачите што излегле на гласање во вториот круг на изборите е многу висок. Веројатно е многу тешко да се повтори времето кога Глигоров и Црвенковски, со својата харизма, го достигнуваа и прагот од 50 проценти во вториот круг, или, пак, набојот на битката меѓу покојниот претседател Борис Трајковски и Тито Петковски“

ВМРО-ДПМНЕ е на власт од 2006 година, односно речиси осум години. Кои се клучните грешки што ги направи СДСМ и поради кои ги загуби изборите во 2006 година и сите избори по 2009 година?
Петров: Има повеќе причини. Изборите во 2006 година ги загубивме поради тоа што не ја ценевме доволно шансата што ни ја дадоа граѓаните – да работиме во нивно име за подобар просперитет на земјата. Правевме грешки. Недоволно се залагавме и луѓето нѐ казнија. Јас не бев дел од владата во тој период, бев градоначалник на Карпош, но, генерално, како припадник на СДСМ мислам дека покажавме недозволена ноншалантност и неодговорност. Но, тоа веќе е далечно бидејќи поминаа речиси осум години и не е тоа главната причина за долгото опстојување на оваа власт. Мислам дека клучен е карактерот на оваа власт, која, според мене, го поклопи целокупното општество и ја потисна критичката мисла наместо да ја унапредува. Политика на цврста рака и непопустливост! На нетолеранција. Иако, за волја на вистината, морам да им ја признаам доследноста, макар и во погрешната политика. Нормално, не сметам дека сите политики им се погрешни бидејќи би било незрело да се верува дека таква власт би била поддржана од граѓаните толку пати. На пример, мислам дека направија поголем ред во даночниот систем, што е добро.

Каква е Вашата визија за социјалдемократијата?
Петров: Во светот, носител на прогресот, и историски ако сакате, се социјалдемократските идеи. Социјалдемократијата во Македонија уште од времето на историското ВМРО и Народноослободителната борба имала своја видна улога. Кога зборуваме за визија за иднината, мораме да ја вратиме поддршката кај неколку големи категории граѓани, пред сѐ кај пензионерите, работниците и кај младите особено. Ним треба да им понудиме алтернатива во Македонија, а не да бегаат во светот. Да се залагаме за правичност.

Поминаа осум месеци од изборот на Зоран Заев за лидер на СДСМ, а се промени и раководството на партијата. Има ли Црвенковски сѐ уште влијание во донесувањето на одлуките во партијата? Кои се клучните промени што се случија во однос на политиката на СДСМ и настапот на партијата како најголема опозициска партија?
Петров: Евидентно е дека поранешниот претседател Црвенковски не сака да се меша во донесувањето на одлуките. Нема ниту една изјава во јавноста. Колку што јас знам, од принципиелни причини, за да остави можност новото раководство да функционира со полн капацитет. Не би го коментирал раководството иако десет месеци е добар период за да се стекне впечаток за работите. Тие ја добија довербата на Конгресот за да го донесат СДСМ до победа. Мислам дека е евидентно дека тврдото позиционирање на партијата го заменија со прагматизам и дека веруваат оти тоа е формулата за успех. Времето ќе покаже.

Постои сериозна закана дека може да ја загубиме препораката за добивање датум за преговори ако не продолжи дијалогот во Собранието, односно ако не се продолжи со спроведување на договорот за настаните од 24 декември. Сметате ли дека СДСМ ги држи во заложништво евроинтеграциите на земјава?
Петров: Мислам дека СДСМ не може да биде причина поради која би ја загубиле препораката. Напротив, враќајќи се назад, СДСМ неколку пати ја спасуваше земјата од губење на препораката. Ако ме прашате кога, еве и конкретно, при донесувањето на пакетот закони во Собранието пред четири години, зборувам за законите за Собрание и за полиција и некои други, кои ги поддржавме наспроти нашите партиски ставови. Понатаму, при формирањето на анкетната комисија за случувањата во Собрание. Трет пример е мартовскиот договор со посредство на комесарот Штефан Филе. Во сите три сум директен учесник, и тоа беше така. СДСМ ја сака Македонија пред сѐ. Тука не го оспорувам тоа право и на ВМРО-ДПМНЕ, воопшто.

Што би сториле во врска со преговорите со Грција доколку дојдете на власт?
Петров: Ние го имаме тоа во нашата изборна програма од 2011 година. Го внесовме ставот дека какво и да е решението се сложуваме граѓаните да се изјаснат за него на референдум. Исто така, таму стои дека кое било решение кое задира во идентитетот и во јазикот е неприфатливо за нас. Јавно истакнавме дека секое решение што е прифатливо за Груевски, ќе биде прифатено и од нас. Тоа е официјална политика на партијата во изминативе пет години и јас досега не слушнав дека е официјално и програмски ревидирана. Ниту, пак, сметам дека е погрешна. Мислам дека е исправна.

Постојат ли табори во СДСМ? „Дневник“ објави дека Вие, Наташа Савова и Јани Макрадули не сте на листата на Заев за нов пратенички мандат. Очекувате ли да бидете на листата на пратеници доколку има предвремени избори? Имате ли желба за нов пратенички мандат?
Петров: Тривијално и сосема небитно е кој ќе биде пратеник од СДСМ. Дај боже СДСМ да победи, а јас да не бидам пратеник. За СДСМ сум подготвен и да седам и на избирачка кутија на овие избори доколку тоа му помогне.

Инаку, депласирано е тврдењето во текстот, кој и да е „бриферот“, бидејќи јас уште на 1 септември 2013 година во интервју токму за „Дневник“ изјавив дека немам намера да барам уште еден пратенички мандат од граѓаните. Уште тогаш бев на мислење дека оваа пролет ќе се случат предвремени парламентарни избори. Тоа го мислам и денес.

Се чувствувам професионално изграден и за мене е чест и привилегија да го раководам Одделот за дерматологија во најдобрата приватна болница во Македонија, „Аџибадем Систина“, во следниот период. И ќе се посветам да бидам успешен во тоа. Тука се работи за стручност и за хуманост, и мислам дека ги имам и двете.

Се разбира, немам намера да се пензионирам од политика!

Разговараше: Билјана Зафирова
Фото: Александар Ивановски
(Интервјуто со Андреј Петров е објавено во 77. број на неделникот Република)

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top