Анкетата на Центарот за истражување и за креирање политика за довербата на граѓаните во институциите на прв поглед е шокантна. Ако за АРМ, која своите главни активности ги има во далечниот Авганистан и во која, како натполитичка организација, нема големи афери, е нормално да биде на листата на најпопуларни институции и ако претседателот Иванов има високи 54 проценти доверба поради неговите позиции за името и сликата на чесен политичар, тогаш огромните 60 проценти доверба кај верските заедници се изненадување не само за обичните набљудувачи, туку и за самите свештеници.
Ако се знае дека и кај исламските верници во земјава не владее особено позитивно мислење за работата на Исламската верска заедница како втора најсилна верска заедница, тогаш, навистина, е чудно како верските заедници се меѓу трите институции со најголема доверба во земјава. Нема никаква логика МПЦ-ОА да биде веднаш зад армијата на РМ кога во јавноста најголем дел од владиците не се познати по своите дела и духовност, туку поради контроверзните изјави, финансиските скандали, скапите возила и кавгите со верниците.
Авторот на овие редови се прашува јавно кој е тој православен верник што толку многу верува во МПЦ-ОА ако ја слушнал изјавата дека владиката и портпарол на Светиот синод ќе коле по една крава секој ден пред портите на сѐ уште непочнатиот туристички центар на Субрата Рој, ако слушнал дека Скопската епархија само од имотите во Сопиште заработила 9 милиони евра, а не сака да направи нова црква за верниците, чиишто предци тие имоти ги дариле како вакаф и последно, но не помалку важно, кој е тој верник што гледа како неговите владици се возат со непотребно скапи возила и во најновиот случај возат јахта, а претходно се заколнале на скромност и на сиромаштија.

Како обичниот верник ја доживува фотографијата на која се гледа владиката Наум како вози јахта? Какви чувства предизвикува кај него фактот што првиот човек на Струмичката епархија во цивилна облека во сините води на Јадранот или Егејско море управува со скапа јахта, иако цената на пловниот објект во случајов воопшто не е важна? И уште едно прашање што си го поставува секој верник гледајќи ја сликата на епископот струмички. Кој е тој порив, таа желба, да правите нешто што не е според кодексот што сте го прифатиле кога сте се замонашиле и сте станале владика, а притоа свесно се сликате, дури и позирате, со ризик сликите да ги видат вашите верници?
Се разбира, едно од објаснувањата би можело да биде дека и владиците се луѓе. Дека и тие сакаат да ги проживеат овоземните убавини кои не се спротивни на десетте Божји заповеди. И тоа само ако се прави површна анализа на делата и на заповедите. Ако се навлезе подлабоко, најмалку два од десетте заповеди би можеле да бидат спорни. Но, аргументот „и владиците се луѓе“ би бил соодветен доколку владиката Наум и неговите колеги при замонашувањето не се заколнале дека ќе водат скромен живот. Еден од водечките стручњаци за социологија на религијата, Зоран Матевски, професор на Филозофскиот факултет, вели дека македонската Црква не е толку многу зафатена со финансиски скандали како српската, бугарската, грчката и не живее во луксуз како нив, но, сепак, има сериозна потреба од преиспитување.
– Се разбира, тоа не значи дека одредени владици на МПЦ-ОА не треба да се преиспитаат сериозно за својот дисбаланс меѓу духовното и материјалното, особено затоа што секој владика претходно треба да се замонаши. А, како монаси го дале, меѓу другите, и заветот за сиромаштво. Некои, за жал, како да го подзаборавиле тоа – вели Матевски.

И да беше само владиката Наум, немаше да биде страшно, како што не беше страшно кога на социјалните мрежи се појавија слики од друг владика на МПЦ-ОА кој се сликал со прескапо возило на негов пријател. Да биде уште полошо, и за МПЦ и за владиката Пимен, не е тајна дека тој е духовно чедо на струмичкиот епископ Наум, со што на многумина им дава право да тврдат дека не се работи за индивидуален момент на слабост, туку на систем на вредности кој важи и за дел од владиците. За разлика од Наум, кој ретко се појавува во јавноста, кај Пимен е интересен уште еден момент, желбата јавно да говори за низа теми, меѓу кои и за политика, па дури и за стечајците овие денови.
Тој не е ни прв ни последен пример на верско лице кое ги користи медиумите, особено социјалните медиуми (Фејсбук), за да коментира некои состојби, и тоа не е грев затоа што како верски лидер, формално во Европската епархија, има обврска да биде во постојан контакт со верниците. Проблемот е што, наместо да дебатира и да наметнува теми за црковниот и за духовниот живот во рамките на црквата, тој се занимава со политика или со други теми што не би требало да се приоритет за црковно лице. Да не зборувам дека кликање „ми се допаѓа“ на објава на „Фејсбук“ во која владиката се нарекува „забеган“, колку и да е кажано на шега, е чудно за вистинските верници.

Авторот на овие редови очекува од Пимен како интелектуалец и духовно лице, ако веќе не може да коментира за возењето јахта на неговиот духовен татко и за скандалите на другите владици, да се занимава со стечајците, но, пред сѐ, за духовниот, моралниот, социјалниот, а не за политичкиот контекст во кој тие излегле да протестираат. Веројатно е тешко за еден владика да говори за другите владици, особено ако му се блиски, и за нивната желба да играат голф, да се дружат со лица од спротивен пол, да посетуваат казина. Уште потешко е да се говори за возењето скап мотор по грчките монденски одморалишта како што се говори дека правел владиката струмички, но ако веќе не може да се зборува за слабостите меѓу владиците, тогаш преку профилот на „Фејсбук“, како најсилна алатка за комуникација со јавноста, барем да отвора црковни, спиритуални теми за скромноста, за вербата, за грешките, за покајанието и, конечно, за одговорноста. И прашањето за партиските манипулации со верниците е легитимна тема за еден владика, но само ако таа дојде по темата за манипулацијата со верниците.
Анкета за доверба во институции
Центар за истражување и креирање на политики
- АРМ 67 %
- Верски заедници 60 %
- Претседател на РМ 54 %
- МВР 49 %
- Влада на РМ 43 %
- Медиуми 40 %
- ЕУ 40 %
- Судство 32 %
- Политички партии 24 %
* Телефонска анкета врз репрезентативен примерок од 1.584 испитаници во периодот од 8 до 13 февруари 2014
(Текст објавен во 77. број на неделникот „Република“, 21.02.2014)
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Црковно-духовен блуд со Македонците!
-
МПЦ-ОА: Дали односот кон покојните православни христијани е порака и кон живите?
-
МПЦ-ОА: Да се зачува унитарноста на државата и уставната позиција на македонскиот јазик
-
Вељаноски со честитка: Искрено да веруваме во нашата сплотеност и да сме цврсто обединети во нашите цели


