| четврток, 6 декември 2018 |

Вељаноски со честитка: Искрено да веруваме во нашата сплотеност и да сме цврсто обединети во нашите цели

 

Претседателот на Собранието на Република Македонија Трајко Вељаноски, од свое лично име и од името на пратениците, на архиепископот охридски и македонски, г.г. Стефан, на членовите на Светиот архиерејски синод, на преподобното монаштво и свештенство, на сите православни верници на Македонската православна црква – Охридска архиепископија, во Република Македонија и на верниците во дијаспората, им честита големиот христијански празник, Успение на Пресвета Богородица.

„Празнувањето на овој ден е славење на мајката Божја, која го донесе на свет синот Божји. Нејзиниот животен пат е вечен паметник за најголемиот христијански чин, а нејзината посветеност кон Бога и љубовта кон луѓето ни говорат за нејзината големина и улога во христијанството. Таа претставува вечен пример за чесност, искреност и грижливост кои се дел од основните принципи на христијанството и наши морални одлики. Низ историските текови во Македонија мајката божја е сметана за извор на безусловна љубов и мајчинство, таа е закрилник на мајките и жените и пример за бесценетоста на семејството. Силата и поддршката која доаѓа од домот се најважни во борбата со сите животни предизвици и искушенија на еден човек. Од друга страна, како христијани треба да сме насочени кон праведноста и добрината, да научиме да простуваме, да бидеме хумани и да споделуваме радост, но и да ги почитуваме највисоките морални вредности“, вели во честитката претседателот на Собранието.

Вељаноски порачува искрено да веруваме во нашата сплотеност и да сме цврсто обединети во нашите цели за промовирање на православните хрисијански вредности, како и чување на духовното и културното наследство. Потребно е, истакнува во честитката, сите заедно да работиме за подобра иднина на секој граѓанин, како и на нашата држава Република Македонија.

„Вам, како и на сите православни верници од Македонија и светот, Ви посакувам празникот да го поминете во духовен мир, исполнети со многу здравје, среќа и бериќет во секој дом“, стои во честитката од Претседателот на Собранието на Република Македонија Трајко Вељаноски, по повод големиот христијански празник Успение на Пресвета Богородица.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top