Извршниот директор на нискобуџетната авиокомпанија „Рајанер“, Мајк О’Лири, најави дека компанијата ќе воведе евтини летови до САД, за кои цените на билетите ќе бидат од 10 евра. „Рајанер“ на почеток ќе лета од Европа до Њујорк и до Бостон.
Најевтиниот билет до САД ќе чини 10 евра, додека билетите за лет до Европа ќе бидат уште поевтини и ќе чинат 7,30 евра. Сѐ уште не се знае од кои европски градови патниците на „Рајанер“ ќе летаат за САД.
– Секако дека сите билети за сите места нема да бидат по 10 евра – објаснува О’Лири и додава дека сосема е сигурно дека ќе има повеќе места во бизнис и премиум класата.
О’Лири објаснува дека статистиката на компанијата покажува дека 15 отсто од патниците се согласуваат да платат евтин билет под услов да плаќаат дополнително за останатите сервиси на летот. Токму на тоа „Рајанер“ ќе се обиде да заработи повеќе пари, а не на цената на билетот.
Се прашувате колку компанијата сега наплаќа за овие услуги?
Доколку сакате сами да го одберете своето место во авионот, за тоа ќе треба да платите пет фунти.
Сендвичот, водата и кафето во авионот ќе ги платите 12 фунти, додека, пак, за багаж со тежина од 15 килограми, патниците треба да платат 35 фунти.
Доколку, пак, багажот тежи 20 килограми, сумата се искачува на 45 фунти.
Првите летови ќе бидат воведени откако „Рајанер“ ќе ја дополни својата флота за прекуокеански летови. Иако, британските аналитичари предупредуваат дека тој процес на купување нови авиони може да трае и пет години, О’Лири тврди дека прекуокеанската авантура ќе тргне со десетина авиони.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.



