Судиските неправди, на кои веќе подолго време се жали Металург на натпреварите во СЕХА-лигата, продолжија и во Осиек против тимот на Нексе, што македонскиот вицешампион го загуби со 23-27.
Малку е чудно што на осминафиналистот во Лигата на шампионите повторно му судеа истите арбитри Мошорински и Панџиќ, кои ја делеа (не)правдата и на мечот меѓу Металург и Мешков во Брест, Белорусија, пред една седмица.
И тогаш претставниците на екипата од Скопје реагираа на лошото судење, а според изјавите и настаните на теренот, во Осиек имало реприза на судењето од Брест.
– Им честитам на ракометарите на Нексе на победата. Тие не се виновни, а сѐ друго и самите видовте. Нема потреба од коментар – е изјавата на Гоце Георгиевски по мечот во Осиек.
Во 53. минута од мечот тој и соиграчите, во знак на протест, накратко го напуштија теренот, а потоа, по сугестијата на Лино Червар, се вратија за да го доиграат мечот. Во тие моменти гостите од Скопје имаа три ракометари помалку во игра поради исклучување. По поразот во Осиек на 4 кола до крај, Металург има 25 бода и е на петтата позиција, која не води на завршниот турнир во Нови Сад.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.