Познатиот фламенко гитарист Пако де Лусија почина вчера на 66-годишна возраст од срцев удар, додека си играл со децата на плажа.
– Никој не извлекуваше страст од гитара како Пако. Тој беше најзначајниот гитарист на нашето време. Никогаш нема да си простам што немав можност да ја делам сцената со него – изјави за српски „Блиц“, Влатко Стефановски, еден од најголемите гитаристи на нашиве простори.
Пако де Лусија, чие вистинско име е Франсиско Санчез Гомез, е роден на 21 декември 1947 година во Алхесирас, Шпанија. Неговиот татко, познатиот фламенко гитарист Антонио Санчез, имал ромско потекло, а Пако своето уметничко презиме го презел од мајка си, која се викала Лусија Санчез. Почнал да свири гитара на 6 години.
– Моето семејство живееше со Ромите и постојано ги слушав татко ми и браќата како свират фламенко. Пред да проодам и да проговорам, го чувствував ритамот на фламенкото – рече во една пригода Де Лусија.
Влатко Стефановски неговото заминување го опишува како крај на гитарската ера во која Пако де Лусија доминираше со леснотијата на музицирањето.
– Стресот од патувањата и настапите на крајот дојдоа по своето, токму во моментото кога најмалку се надеваше. Тој и онака не можеше мирно да замине бидејќи беше страсен човек – вели Стефановски.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.