Вистински хит во Италија се талентираните македонски голмани. Прв мразот го проби Столе Димитриевски, кој од Работнички се пресели во членот на Серија А, Удинезе, а по него клупскиот колега Шишковски беше во истиот клуб на проба. Сега најнова информација е дека и Сампдорија сака да ангажира надежен чувар на мрежата, а станува збор за Филип Трајчевски. Тој има само 16 години и брани за кадетите на Вардар.
Клубот од Џенова веќе испратил покана за Филип да пристигне во Италија на проба откако одлично бранеше за Македонија против селекцијата на „аѕурите“. Нашите таленти до 17 години славеа против врсниците од Италија со 2-1 на гостински терен.
Ако се земе предвид дека во Арсенал во селекцијата на фудбалери до 19 години брани струмичанецот Дејан Илиев, тогаш станува јасно дека во Македонија се појави нова генерација одлични голмани, што се мошне интересни за големите европски клубови.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.