Последните два меча од првата рунда од осминафиналето од Лигата на шампиони ќе бидат одиграни вечерва во Гелзенкирхен каде Шалке ќе го пречека Реал Мадрид и во Истанбул каде Челси му гостува на Галатасарај.
„Кралскиот клуб“ е главен фаворит на гостувањето во Германија, пред се поради добрата форма во која се наоѓа клубот од Мадрид, кој е во серија од 27 натпревари без пораз. Меѓутоа и Шалке многу добро го започна вториот дел од сезоната во Бундеслигата.
Двата клуба за прв пат играат еден против друг во европските натпреварувања, но и едниот и другиот имаат богато искуство со играње со тимови од Германија односно Шпанија.
По три пропуштени натпревари поради суспензија, во тимот на Реал се враќа Кристијано Роналдо, а Карло Анчелоти нема да може да смета само на Семи Кедира. Од другата страна сигурно нема да игра Аого и Хегер кој се повредени, додека под знак прашалник се Клеменс, Хеведес и Учида.
Галатасарај последен пат со екипата на Челси играл во сезоната 1999/2000, тогаш „плавите“ предводени од Торе Андре Флум ги совладаа со убедливи 5-0, додека на реваншот во Лондон резултатот беше 1-0 за англискиот тим.
– Ако некој има сомнежи треба да биде на чисто со разликата во квалитет меѓу нас и Челзи. Нашиот противник е десетпати поквалитетен. Сепак, и во една таква ситуација нема предавање. Јас сум таков играч кој секогаш оди на победа дури и ако пред почетокот на натпреварот постои само 1 процент шанса за да се оди понатаму. Едноставно треба да се обидеме да го искористиме она што ќе ни се отвори како можност на теренот. И против Јувентус сите нe имаа откажано, но успеавме да победиме. Во фудбалот секогаш е можно сe и тоа е нашата шанса за да успееме – , вели Дрогба.
– Мурињо одлично нe познава и мене и Дрогба. Добро знае и дека е во предност. Сепак, истото важи и за нас бидејќи и ние добро знае како тој го подготвува својот тим и ќе бидеме подготвени. Знаеме што не очекува бидејќи Челзи е одличен тим. Меѓутоа, не смееме да се предадеме. И ние имаме наши шанси. Ако успееме да го покажеме истиот дух како и на средбата против Јувентус тогаш имаме надежи и можеме до добар резултат на овој дуел. Очекуваме да имаме и дванаесетти играч во публиката. Тие се нашата дополнителна сила и со нив ќе можеме да изненадиме –, вели Снајдер.
Што се однесува за тимовите за Галатасарај нема да игра Ајдин Јилмаз и Ван Хинкел, додека под знак прашалник се Жан, Балта и Алтинтоп, а кај гостите неизвесни се Давид Луиз, Микел и Оскар.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


