| четврток, 6 декември 2018 |

Пендаровски за „Република“: Никој не ме прашал дали сакам да бидам претседател

Stevo-Pendarovski-3

Професорот Стево Пендаровски уште еднаш го повтори својот став, дека никој од СДСМ, ниту било кој друг не го прашал дали сака да биде кандидат за претседател на Македонија.

„Република“ пред малку повторно разговараше со Пендаровски на оваа тема, откако вчера порталот Прес 24, објави, повикувајќи се на свои извори, дека доцна синоќа раководството на СДСМ донело дефинитивна одлука да трча на претседателскитре избори токму со Пендаровски. Одлуката, наводно, само ќе се формализирала на 4 март.

– Јас и сега можам само да ви кажам дека никој, ама баш никој, до овој момент не седнал со мене воопшто да разговара на таа тема. Не знам дали некои организации на СДСМ ме предложиле, но за да воопшто дискутираме за ова, прво мора мене да ме контактираат – вели Пендаровски.

На прашање дали би прифатил кандидатура и под кои услови, Пендаровски рече:

– Таа информација ќе ја соопштам само ако ми биде предложена кандидатура, никако претходно – повтори тој.

Ваквиот став на Пендаровски е од поодамна, а се цени дека тоа е така поради неговиот принцип да не се наметнува.

Што се однесува до СДСМ, неофицијално дознаваме дека сепак не е донесена одлука кој ќе биде нивниот кандидат. Всушност, повеќето членови на оваа партија повторно го сакаат Бранко Црвенковски на оваа функција, но тој дефинитвно им рекол дека е „пензионер од политиката“. Во барабанот на СДСМ, се вртеле неколку имиња, како она на професорот Денко Малевски, потоа Петар Гошев, Илинка Митрева, па и Радмила Шеќеринска.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top