Шефот на грчката дипломатија Евангелос Венизелос го информирал Постојаниот комитет за национална одбрана и надворешни работи на грчкиот Парламент за неговата турнеја низ Западен Балкан, и посетата на Македонија.
Венизелос во извештајот за престојот во Македонија опфатил се што се случуваше во изминатиот период, од заклучоците на Европскиот совет до политичкиот договор од 1 март 2013 година.
Грчкиот министер и овој пат ја обвинил Македонија дека има многу недостатоци при исполнувањето на Копенхашките критериуми, меѓу кои се „добрососедските односи и почитувањето на меѓународното право“.
– Отворената меѓунродна разлика околу името, како што е определена со одлуките на Советот за безбедност на ОН, е пример за несообразност со принципите на добрососедство, истакнал Венизелос додавајќи дека отворени проблеми на добрососедските односи, меѓу другото, се и „иредентизмот и идеолошката употреба на историјата“.
Венизелос ги повторил истите ставови како на состанокот на министрите за надворешни работи на НАТО во октомври, и на Советот за општи работи на 17 декември кога даде одговор на заклучоците на Советот на европската перспектива на Македонија.
Грчкиот министер истакнал дека разговорите во Скопје се одвивале во атмосфера „која не била пријатна“ и додал дека за време на неговата посета „пред канцеларијата на премиерот Груевски беше организиран мал протест против геноцидот врз Македонците“.
Венизелос истакнал дека премиерот Груевски го уверил оти Македонија нема територијални претензии кон Грција, ниту пак манифестира иредентизам во односите со земјата, на што Венизелос рекол дека „сето тоа треба да се рефлектира во позициите во однос на името“.
– Фактот дека разговаравме и јасно ги искажавме нашите ставови е важен. Фактот дека грчки министер за надворешни работи отиде во Скопје, како меѓународна порака го зајакнува кредибилитетот на земјата и го зголемува нашиот дипломатски капитал, истакнал Венизелос самиот честитајќи си за „многу важната турнеја“ низ Западен Балкан.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.