Македонија денеска одбележува десет години од смртта на претседателот Борис Трајковски, кој загина трагично во авионска несреќа во близина на Мостар.
Македонска делегација предводена од претседателот Ѓорге Иванов ќе присуствува на одбележувањето на годишнината од смртта на Трајковски во Ротимље, на местото каде што се урна авионот.
На гробот на Трајковски, во Алејата на великаните на гробиштата во Бутел, свежо цвеќе ќе положи собраниска делегација составена од Светлана Јакимовска, Сузана Салиу, Силвана Бонева, Игор Ивановски и Рејхан Дурмиши.
Покрај претседателот Трајковски во несреќата животот го загубија Димка Илкова-Бошковиќ, Ристо Блажевски и Анита Кришан Лозановска од Кабинетот на претседателот, Миле Крстевски од Министерството за надворешни работи, Борис Велинов и Аце Божиновски, членови на обезбедувањето и пилотите Марко Марковски и Бранко Ивановски.
Првата истрага што беше водена од македонски и босански органи утврди дека причина за уривањето биле пропусти на екипажот направени во процедурата за приоѓање на аеродромот Мостар во услови на сложена метеоролошка состојба, густа магла и облачност.
Но на барање на Македонија, по собирањето на дополнителните докази од страна на македонското МВР, беше отворена нова истрага во јануари 2013 година.
Главниот истражител на меѓународниот тим и претседател на Комисијата за воздухопловство при Министерството за сообраќај и комуникација на Босна и Херцеговина, Омер Кулиќ, потврди дека новата истрага е завршена и оти со неа ќе биде ставен крај на случајот „Трајковски“.
Комисијата нема да ги презентира своите наоди на 10-годишнината од загинувањето на Трајковски, како што претходно беше најавено, туку во март или април годинава. Резултатите од истрагата најпрво ќе ги добие обвинителот на БиХ. Првично Кулиќ соопшти дека се направени многу пропусти во првичната истрага.
Обвинителот на БиХ ќе одлучува, дали по негово мислење има елементи за некои кривични дела, а во соработка со обвинителот од Македонија ќе анализира, ќе се усогласува, ќе проценува што се случило со авионот на претседателот Борис Трајковски на 26 февруари 2004 година.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
(Вознемирувачка содржина) Нема преживеани лица во авионската несреќа во Индонезија
-
Ова е последната фотографија со другарките: Мина од својата моминска заминала директно во смрт
-
Бизнисмен и неговото семејство загинаа во авионска несреќа
-
Доделување стипендии „Борис Трајковски” за постдипломски студии