Претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов, денеска и утре ќе престојува во посета на Босна и Херцеговина, по повод одбележувањето на 10-годишнината од загинувањето на поранешниот претседател на Република Македонија, Борис Трајковски и членовите на делегацијата.
Иванов, соопшти неговиот Кабинет, вечерва на Јахорина ќе оствари средба со членовите на Претседателството на Босна и Херцеговина, Жељко Комшиќ, Небојша Радмановиќ и Бакир Изетбеговиќ.
Утре претседателот Иванов во Ротимље ќе присуствува на одбележување на 10-годишнината од загинувањето на поранешниот претседател на Република Македонија, Борис Трајковски и членовите на делегацијата. На одбележувањето во Ротимље ќе се обратат престедателот Иванов и претседателот на Претседателството на Босна и Херцеговина, Комшиќ.
Иванов ќе ја предводи државната делегација на Република Македонија, што ќе положи венец на спомен-обележјето во Ротимље. Во државната делегација на Република Македонија е и министерот за образование и наука Спиро Ристовски.
На одбележувањето во Ротимље ќе присуствуваат и претставници на Армијата на Република Македонија и на властите од Босна и Херцеговина.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.