| четврток, 6 декември 2018 |

Николовски: На расипничкото работење во Општина Куманово му нема крај

aleksandar-nikolovski-

Општина Куманово и нејзините општински институции работат расипнички и ги трошат парите на граѓаните за тотално непотребни работи. На расипничкото работење во Општина Куманово му нема крај.

– По вчерашните информации дека поранешниот директор на ЈП Водовод Куманово, Виктор Божиновски, за храна по ресторани потрошил 6.030.469 денари или 100.000 евра, се поочигледно е како работат кадрите на СДСМ во општините каде што се на власт – изјави на денешната прес-конференција пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николовски.

Виктор Божиновски како поранешен директор на ЈП Водовод Куманово поставен од градоначалникот Зоран Дамјановски со своето незаконско и недомаќинско работење во јавното претпријатие успеал да потроши во кафеани неверојатни 6.030.469 денари или близу 100.000 евра.

– Божиновски како директор на ЈП Водовод Куманово во периодот од 2010, 2011 и 2012 година не ги наплатувал побарувачките од 5 угостителски објекти во Куманово по основ на потрошена вода, геодезија и извршени проектантски услуги, туку ги компензирал со обемни ручеци и седенки со своите пријатели и соработници-вели Николовски.

Ова е најтипичен пример за расипничко и недомаќинско работење, нешто што е препознатливо за локалната власт во Општина Куманово. Додека ЈП Водовод Куманово се дави во долгови и е на раб на банкрот, на Божиновски најважно му било да си го засити својот апетит со парите на граѓаните.

– Дали и овој пат Зоран Дамјановски ќе се крие како што се криеше за скандалот со паркинзите во општината? Дали и овој пат Дамјановски ќе се правда дека ништо не знаел или пак дека поставил експертски кадар како директор на ЈП Водовод Куманово? Посебно знаејќи дека денес именуваниот Виктор Божиновски, како награда е назначен на висока позиција во Општина Куманово – праша Николовски.

ВМРО-ДПМНЕ ги прашува СДСМ, по скандалозните тендери на нивниот лидер Зоран Заев, по скандалозната кирија на Радмила Шекеринска, по паркинг-бизнисот на нивниот потпретседател Дамјан Манчевски и сега, по 100.000 евра за ручеци на нивниот партиски директор во ЈП Водовод во Куманово, што уште треба да се случи за да разберат дека продолжиле да одат по погрешниот пат. Граѓаните знаат дека во СДСМ ништо не се менува.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top