| четврток, 6 декември 2018 |

Навивачите на Вардар, ракометар повеќе за „црвено-црните“ во Скопје против Хамбург

Тренерот на македонскиот шампион, Раул Гонзалес, предвидува тежок и неизвесен двомеч против актуелниот европски првак Хамбург во осминафиналето на Лигата на шампионите, а очекува за првиот дуел во Скопје навивачите на „црвено-црните“ да бидат осмиот играч на неговиот состав.

– Хамбург е европски шампион и многу моќна екипа која игра одлично како во нападот така и во одбраната. Имаат екстра-квалитетни ракометари од калибарот на Дувњак, шпанскиот репрезентативец Канејас, Шродер…. Најпрво треба да се фокусираме на натпреварот што ќе го играме на домашен терен. Во Скопје треба да оствариме победа со што повеќе голови разлика за да може да се надеваме на успех на гостувањето. Ќе биде многу тешко бидејќи Хамбург има амбиции да се најде на завршниот турнир. Ова се елиминациски натпревари на кои мора да одиграме најдобро што знаеме, односно да покажеме колку вредиме и можеме. Очекувам поддршка од сите во Македонија, посебно од нашите најверни навивачи. Ги повикувам да ја наполнат арената до последно место и да бидат нашиот осми играч – вели Раул Гонзалес.

Вардар ќе биде домаќин на првиот меч во термин од 19 до 23 март, а точниот датум допрва ќе треба да се одреди. Реваншот е во Германија за една седмица.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top