По денешната жрепка за противник на РК Металург во осминафиналната фаза на Лигата на шампионитена се падна екипата на КИФ Колдинг, стратегот Лино Червар задоволен од добиениот противник.
– Пред извлекувањето имавме три тешки противници, сега имаме само еден, екипата на Колдинг. Немав посакуван противник затоа што сметам дека Колдинг е извонредно опасен противник, исто како и двете германски екипи. Се работи за многу искусна екипа, составена од играчи кои ја поминаа границата од триесет години, екипа која извонредно игра во одбрана и ја има најдобрата одбрана во групната фаза од Лигата на шампионите. Имињата на Ким Андерсон, Ласе Боасен, Стефан Хундструп, Каспер Хвидт, Лаен Торстен, Бо Спелерберг, Алберто Рокас и другите, доволно зборуваат со кого ќе имаме работа.
– Сепак, јас сакам позитивно да размислувам, затоа што теренот е тој каде што се ќе се решава. Ние ќе мораме да бидеме уште помотивирани, уште поборбени отколку на средбата против екипата на Барселона, тоа ќе треба да биде натпревар во кој ќе мораме да се надминеме, да бидеме дури и над своите моментални можности. Тоа што ме загрижува е состојбата на Павел Атман, кој за нас е од огромно значење, бидејки располагаме со лимитиран фонд на играчи.
– Но, тоа што сигурно го знам е дека средбата со Колдинг во Скопје ќе биде вистински празник на спортот и очекувам опсада, вистинска инвазија на наши навивачи од целата земја. Сигурен сум дека овој пат публиката ќе биде осмиот, па, и деветтиот наш играч, затоа што луѓето се горди на Металург и на неговите успеси, а ракометот е национален спорт во Македонија – изјави Червар.
Претставникот на Колдинг во Виена, Јенс Боесен свесен дека го очекува тешко гостување во Скопје, но сепак вели дека тие ќе одат да победат на двете средби.
– Очекувам два интересни и неизвесни натпревари. Во првиот меч не очекува тешко гостување во Скопје, но јас сум оптимист. Имаме многу проблеми со повредени ракометари, Ким Андерсон нема да игра до крајот на сезоната, но затоа, за две до три недели, ни се враќаат неколку играчи и ќе бидеме максимално подготвени за мечевите со Металург. Сите зборуваат дека го добивме најтешкиот противник, но што е – тука е. Наше е добро да се подготвиме и да одиме на победа на двете средби – рече Јенс Боесен.
Извор: Металург
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.