| четврток, 6 декември 2018 |

ЛШ: Дортмунд ослабен против Зенит, Манчестер по победа во Атина

Откако претходната недела се одиграа четири натпревари од првата рунда од осминафиналето од Лигата на шампиони, оваа недела на програмата се останатите четири, односно две се играат вечерва, но во различни термини.

Зенит од 18 часот на стадионот „Петровски“ во Санкт Петербург го дочекува актуелниот вицешампион на Европа, Борусија Дортмунд, додека, пак, од 20.45 на стадионот „Јоргос Караискаки“ Олимпијакос го пречекува шампионот на Англија, екипата на Манчестер јунајтед.

Зенит и Борусија првпат ќе ги одмерат силите во европските натпреварувања. Она што може да ги загрижи „милионерите“ е убедливиот пораз во саботата од екипата на Хамбургер, како и повредените играчи. Јирген Клоп за овој натпревар нема да може да смета на повредените Невен Суботиќ, Куб Блашчиковски, Свен Бендер, а под знак прашалник се и капитенот Матс Хумелс и Илкај Гундокан. Кај домаќините нема да настапи само Роман Широков.

Единствената сериозна шанса да направат нешто оваа сезона фудбалерите на Манчестер ја имаат токму во Лигата на шампиони, а во Атина пристигнале само со една намера, да се вратат дома со трите бода. Оптимизмот во тимот на Дејвид Мојес се крие во фактот што „црвените ѓаволи“ никогаш не загубиле од грчки тим.

За домашниот тим сигурно нема да настапат повредениот Хавиер Савиола, како ни Марко Шчеповиќ кој нема право да настапи во Лигата на шампиони, а неизвесни се и Холебаш и Валдез.

Далеку полоша е ситуацијата во Јунајтед бидејќи полесни повреди имаат Фелаини, Фердинанд, Еванс, Џонс, Нани, Рафаел и Велбек. Исто така, поради тоа што во првиот дел од сезоната настапуваше за Челси, Хуан Мата нема право да настапи за Јунајтед.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top