Премиерот Никола Груевски синоќа во Лондон, по конференцијата на ЕБОР на која присуствуваа сите премиери од Западен Балкан, еврокомесарот за проширување Штефан Филе и претседателот на ЕБОР, се сретна со
членови на британскиот парламент, кои се дел од групата поддржувачи на евроинтеграцијата на Република Македонија.
– Имавме можност да имаме заедничка вечера со група поддржувачи на Македонија овде во Англија со некои луѓе што се во Парламентот – пратеници, лордови, баронеси и луѓе од високиот естаблишмент коишто редовно ѝ даваат поддршка на Македонија кога е тоа потребно. Важно е да се има контакти и да се одржуваат контактите со такви луѓе бидејќи кога се најмногу потребни тие се тука да помогнат, да го дигнат својот глас, да потсетат нешто што е важно за нашата држава, така што ми беше задоволство оваа вечер да седнеме на заедничка вечера и да им се заблагодарам за досегашната поддршка. Тоа беше можност и да размениме информации и видувања за идните чекори што ги планира Република Македонија. Добро е да бидат информирани во овој правец затоа што тие се многу често гласноговорници на она што го работиме во најпозитивна смисла на зборот и треба да се негуваат тие односи – изјави премиерот Груевски.
Лорд Тимоти Босвел, шеф на Комисијата за ЕУ во британскиот парламент, искажа уверување дека Македонија наскоро ќе стане дел од Унијата.
– Задоволство ми е што го запознав вашиот премиер. Имавме многу успешен ден овде во Лондон. Се надевам дека наскоро во процесот на евроинтеграции ќе можеме да ѝ посакаме добредојде на Македонија како наш иден партнер – рече Босвел по средбата на која присуствуваа и членовите на македонската делегација која го придружува премиерот Груевски.
Карен Лумли, пак, која е членка на Парламентот и претседателка на парламентарната група за соработка со РМ, најави и скорешна посета на Македонија.
– Македонија е многу добар пријател на Велика Британија. Чест ми е што сум претседател на Парламентарната група за соработка со неа. По изборите ќе дојдам со своите колеги од Парламентот да се запознаеме со новиот претседател – вели Лумли. Премиерот Никола Груевски на маргините на конференцијата во Лондон се сретна со еврокомесарот Штефан Филе и со министерот за надворешни работи на Велика Британија, Вилијам Хејг.
На заедничката средба, која ја имаа со премиерите од регионот, се разговараше за искористување на потенцијалите за економски развој како и одржување напредок, кој е важен за целиот регион
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.