| четврток, 6 декември 2018 |

Барселона падна на шармот на Металург, Скопје остана неосвоен ракометен бастион

Барселона го претрпе првиот пораз во фазата по групи, а на патот им застана храброт Металург во Скопје, во неосвоената ракометна тврдина „Борис Трајковски“. Ниту една екипа сезонава во Лигата на шампионите не успеа да слави победа, а со триумф од 31-29 против најтрофејниот клуб на планетата завесата во оваа фаза ја спушти Металург.

Скопјани одиграа храбро, динамично, со многу желба и апсолутно заслужено ја поразија моќната Барса. Во одлична атмосфера, сите ракометари на Металург одиграа извонредно, постојано водеа од 15-та минута до самиот крај и го освоија бодовите кои нема да значат многу, бидејќи секако нашиот претставник го освојува третото место во Ц групата.

Најновото засилување на Металург, Лука Циндриќ беше недофатлив за снажната одбрана на Барселона и со 7 гола беше најефикасен во домашниот тим. Ренато Вугринец испраќаше вистински бомби кон голот на Шариќ, беше лидер на теренот, а расположени за игра беа и Георгиевски, Миркуловски, Мансков, Ојлевски, Димовски…

Посебна приказна во блескавото издание на македонскиот вицешампион беа голманите Дарко Станиќ и Николче Митревски. И двајцата имаа шанса да бранат речиси подеднакво, а тоа го правеа неверојатно добро. Станиќ одбрани 7 удари, а Митревски 9, или заедно 16.

Циндриќ даде 7 гола, Вугринец и Георгиевски стрелаа прецизно по 6 пати, Миркуловски забележа 5 погодоци, а Ојлевски, Димовски и Манасков по двапати се запишаа во листата на стрелците.

По завршувањето на мечот имаше мал инцидент во кој се „закачија“ Вугринец и Карабатиќ, но ситуацијата брзо се смири.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top