Локалната самоуправа ќе ја разгледува документацијата поднесена од страна на Дебарско- кичевската епархија околу изградбата на објектите во комплексот Свети Наум , како и извештајот по извршениот увид на лице место од страна на општинскиот инспекторат, информира градоначалникот Бакрачески. Притоа, градоначалникот потенцира дека не гледа никакви пречки или проблеми во однос на зафатите за уредување на комплексот кои се преземаат од страна на Дебарско- кичевската епархија, но дека законот мора да се почитува.

Дебарско-кичевската епархија почнала градежни зафати во непосредна близина на манастирот Св.Наум, кои ја разлутија општинската администрација во Охрид.
Изградена е влезна капија, десетици типизирани објекти – во функција на продавници за сувенири, санитарен јазол. Се уредува плажата, се подигнуваат водоскоци, паркови, во согласност со проектот за новиот изглед на манастирскиот комплекс.

Но, од Општина Охрид велат дека процедурата не е докрај испочитувана и оти Црквата морала најпрвин да ги обезбеди потребните дозволи за градежните зафати.

-Дебарско – кичевската епархија, ќе мора согласно закон да го врши уредувањето на манастирскиот комплекс „Св. Наум“. Надлежните инспекциски служби воочиле одредени неправилности и недоследности во процедурите неопходни за изведба на градежни зафати, поради што Локалната самоуправа реагираше до Дебарско – кичевската епархија. Очекуваме црквата да постапи по забелешките, стои во реакцијата на општината.
Острото соопштение предизвика реакции и толкувања на јавноста – дали Општина Охрид има намера да ги урива новите објекти во близина на манастирот?
Од општината демантираа. Велат дека ќе ги разгледаат дополнителните документи што ги доставила Дебарско-кичевската епархија, иако нагласуваат дека законот е јасен и важи за сите. Од Епархијата велат дека ги доставиле сите побарани документи. Според нив, проектот воопшто не е спорен и има за цел само да ја оплемени околината на манастирот, кој секоја година го посетуваат голем број туристи.
„Нека повелат и нека го урнат манастирот ! Толку дивоградби има насекаде, цели градови се дивоградби, толку џамии има дивоградби, а сега ако дошло ред да се урива во манастирот, што да кажам друго . Нека повелат нека уриваат!“, изјавил митрополитот дебарско-кичевски, владиката Тимотеј за порталот Охрид1.
Владиката Тимотеј претпоставува дека општинската власт му се лути заради неговите јавно искажани ставови против инвестицијата на индискиот бизнисмен Субрата Рој.
фото: „Охрид њуз“
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


