| четврток, 6 декември 2018 |

Невкусна шега со лустраторот Томе Аџиев

Некој невкусно се пошегувал со лустраторот Томе Аџиев. Утрово Битола беше излепена со некролози во кои се соопштува дека Аџиев починал на 61 годишна возраст, пренесува „Дневник

На некролозите пишуваше дека смртта настапила денес ненадејно во несреќен случај, а опелото и погребот ќе се извршат утре во 13 часот на Буковските гробишта во Битола. Понатаму дека посмртните останки ќе бидат изложени утре од 10 во црквата „Свети Димитрија“.

Додека ваквата лажна вест се ширеше низ Битола, Аџиев здрав и жив беше на утринско кафе со пријателите во ресторанот „Бриони“ во битолската чаршија.

– Ова е невкусна шега. Утрово дознав кога на телефон ми се јави пријател и кога ми го слушна гласот почна да вика од радост. Ова е работа на болни умови. Никој нема да ме заплаши, продолжувам и понатаму со работа во Комисијата за лустрација- изјави Аџиев.
Некрологи беа ставени по бандери, автобуски постојки, на таблите пред црквите.

-Денес на Мртва Сабота одејќи да запалам веќе во црквата „Свети Недела“ го видов некрологот. Настана гужва, повеќе битолчани го читаа и се чудеа, се крстеа. Беше истакнат на местото за некролозите најгоре да паѓа во очи- изјави битолчанецот Пеце Мишковски.

Откако се расчу веста низ градот, некој ги отстрани некролозите. Обвинителството и наложи на полицијата да покрене истрага за случајот. Од СВР велат дека се работи за клевета и дека неколку лица дале изјава, меѓу кои и лустраторот.

Погребалното претпријатие „Вечен Сон„ чие име беше напишано на некрологот се огради од целиот случај.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top