„Целата борба што ја водеше (СДСМ, н.з.), ја водеше за да оствари некоја предност во однос на власта, но, во исто време, и во однос на партиите што се појавуваат сега на политичката сцена“. Оваа оцена на Стевчо Јакимовски за тоа како СДСМ го скрои Изборниот законик ја отсликува состојбата со која речиси цела деценија не може да се избори најголемата опозициска партија во Македонија.
Лидерот на ГРОМ формираше своја политичка партија набргу откако го напушти јадрото на СДСМ поради несогласување со одлуките на партиското раководство, кое, во најмала рака, се спротивставуваше на демократските процеси воопшто. Но не е само ГРОМ, кој, според брзината на собраните потписи за поддршка на нивниот претседателски кандидат, покажува одлична координација и организираност. Од СДСМ произлезе и партијата за чиешто формирање најмногу придонесе името на Владо Бучковски, Алијанса за позитивна Македонија.
Неспорно е дека и членството и електоратот на двата нови политички субјекта на идните избори најмногу потекнуваат од опозиционерската маса, која беше предводена од СДСМ. За тоа говори и Андреј Петров, поранешниот потпретседател на СДСМ.
– Мислам дека ГРОМ и Алијансата воопшто не треба да се потценат бидејќи, според мене, 90 проценти од нивниот електорат, условно речено, припаѓа на опозициското поле. Друго прашање е дали тие во моментов дејствуваат како опозициски партии. Моето мислење, според тоа што го зборуваат, е дека се поблиски во ставовите до владејачката партија, иако се обидуваат да играат широко за да ја мултиплицираат сопствената поддршка и да не ги загубат опозициските гласови. Според мене, овие две партии ќе земат значаен број гласови. Тој број нема да биде ни од далеку доволен за да бидат некој позначаен фактор на политичката сцена, но штетата што може да ѝ ја нанесат на СДСМ е голема – вели Петров.
НОВИ ПАРТИИ СПРОТИ МАТИЦАТА
Формирањето на партиите, како последица на одделување на цело фракцинерско крило, кое не успева своите идеи да ги спроведе низ партиските органи, всушност, на избори ја бара легитимноста пред гласачите, а тоа најмногу се гласачи на матичната партија.
Така, ако сега Петров посочува на позитивците и на громовците, претходно тоа се случи со отцепувањето на Тито Петковски и формирањето на НСДП во 2005 година. Петковски со своите нови социјалдемократи му нанесе сериозен удар на СДСМ на парламентарните избори во 2006 година. СДСМ освои 21 пратеничко место, додека НСДП во парламентот влезе со пратеничка група од седум пратеници. Партијата влезе во власта со ВМРО-ДПМНЕ, а потоа две пратенички од НСДП преминаа во ВМРО-ДПМНЕ. Веќе на следните предвремени избори две години подоцна, Петковски коалицираше со старите соборци, СДСМ, но освои само три мандати, а поради таквиот чекор партијата ја напуштија нејзини видни членови. Од несогласувањето со новата позиција – сателит на СДСМ, произлегоа и две нови партии СДУ и ПОДЕМ.
– НСДП на Тито Петковски го предизвика најсериозниот расцеп во историјата на СДСМ, а Лилјана Поповска со формирањето на ДОМ ја разниша ЛДП. Така што, изборите во 2006 година создадоа огромна фрагментација на партиската сцена. По изборите продолжија потресите во СДСМ, кога од оваа партија се издвои поранешниот претседател на Собранието Љупчо Јордановски, односно најлибералното и најграѓанско крило на СДСМ – посочува политикологот Ивица Боцевски.
БОРБАТА НА ВМРОВСКИТЕ ФРАКЦИИ ПРЕД ГРАЃАНИТЕ
Низ процес на фрагментација помина и ВМРО-ДПМНЕ, која и самата, како што посочи Боцевски, е одвоена од Движењето за семакедонска акција – МААК. Во тој процес граѓаните низ изборните процеси решаваа за изворниот мандат. Од ДПМНЕ, со предзнакот ВМРО се формираа повеќе партии, а најсериозно раслојување се случи за време на собранискиот мандат 1998- 2002 година.
– ВМРО-ДПМНЕ преживеа сериозен расцеп со формирањето на ВМРО – вистинска. Иако неколкуте претходни одвојувања од ВМРО-ДПМНЕ беа минорни, парламентарниот расцеп се закануваше да заврши со „ново парламентарно мнозинство“. Од ВМРО – вистинска понатаму произлезе ВМРО – македонска, но и двете фракции подоцна се вратија во матицата. По воениот конфликт од 2001 година и изборите од 2002 година, од оваа партија се одвоија ВМРО – народна, веројатно најсериозниот расцеп во оваа партија, ДРУМ и Земјоделската народна партија. Во суштина, фракциската борба во самата ВМРО-ДПМНЕ заврши кај избирачите, па тие требаше да решат која фракција го има изворниот мандат. Откако се покажа дека фракцијата околу Никола Груевски го има убедливото мнозинство, другите партии почнаа да бледнеат од сцената, со исклучок на ВМРО – НП, пред сѐ поради лидерскиот потенцијал на Љубчо Георгиевски – додава Боцевски.
Како што заврши фракциската борба, така и во два брана дојде до враќање во ВМРО-ДПМНЕ. Прво во 2006 година ДРУМ се претопи во ДПМНЕ, па Земјоделската народна партија, како и ВМРО – вистинска на Борис Змејковски, на чијашто домашна адреса за првпат е регистрирана ВМРО-ДПМНЕ.
– Организацијата ВМРО, од своето основање до денес, ја следеле само делби и разединувања. Затоа нашето обединување е историски чин – порача тогаш Змејковски.
На почетокот на 2012 година, пак, кон матичната партија се спои ВМРО – македонска, а веднаш потоа и претседателот на ВМРО-НП, Марјан Додовски, во име на највисокото раководство, објави дека членството се враќа во матичната партија ВМРО-ДПМНЕ. Како главна причина за ова преминување беше истакнувано: „Нема да ја поддржиме коалицијата со Бранко Црвенковски“.
СДСМ ПРЕД НОВО РАСЛОЈУВАЊЕ?
Политичките аналитичари на неколку пати посочиле дека најголемата опозициска партија по неколкуте порази мора да помине низ циклус на отворена борба на нејзините фракции. До тоа, сепак, не дојде на последниот конгрес, колку и од СДСМ да се обидуваат да го прикажат како таков. Се покрива и внатрешното разидување и појава на фракционерство во новото раководство, иако на таа функција не е ниту една година. Иако се сѐ погласни најавите дека блиските луѓе на Црвенковски се незадоволни од актуелното раководство на партијата, се претпоставува дека сѐ уште нема политичка и лична храброст да излезат со своја листа на избори, па гласачите да решат која фракција во СДСМ го има изборниот мандат.
Дека на таков потег ќе се чека и понатаму покажува и тврдењето на Андреј Петров дека во партијата не постојат фракции.
– Нема фракции во СДСМ. Барем јас не познавам такви. Нема ниту една официјална изјава на поранешен член на потесното раководство на партијата (претседател, потпретседатели, генерален секретар) во која се критикува сегашното партиско раководство. Ова е сосема спротивно од поранешниот период на многубројни колумни и изјави на поранешни членови на врвното раководство на СДСМ (првите петмина), кои отворено нѐ критикувале за начинот на водење на партијата. И ние тоа го издржавме како раководство. Се разбира, секој има право на свое мислење, но тоа сега се искажува внатре, во органите на партијата. Нормално е во голема партија како СДСМ да постојат различни погледи за тоа како да се дојде до целта. На крај изборите се верификација дали одредена стратегија била успешна или не. Сѐ друго е декор – додава Петров.
Веројатно во тој декор ќе влезат и натамошни згуснувања на состојбите во СДСМ. Тие, при евентуален лош резултат на изборите, пред сѐ, поради окрупнувањето на ВМРО-ДПМНЕ, како и поради притисокот на новите партии што ќе го расцепкаат опозициското гласачко тело, ќе придонесат за нови одделувања од партијата, a со тоа и do нови загубени гласачи на следните избори на СДСМ и, можеби, do легитимност на нова водечка опозициска партија.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Протестен марш на ВМРО ДПМНЕ во 17 часот (во живо)
-
Отворено и транспарентно: ВМРО-ДПМНЕ со Јавен повик за кандидирање на членови на Комисии
-
Стоилковски: Заев и Спасовски да одговорат колку Иван Савидис е економски присутен во Македонија и дали има поврзаност со Владата
-
Што говореше за Уставот пред да се предомисли предавничката Александрова и да ги гласа измените? (видео)