Во определниот законски рок по целокупната доставена документација и барање се очекува рудникот „Саса“ да добие интегрирана еколошка А-дозвола од страна на Министерството за животна средина и просторно планирање, во согласност со законската регулатива, најави претседателот на Стопанска комора, Бранко Азески, за време на денешната посета на рудникот и средбата со генералниот директор Александар Раков.
– При денешната посета на Источно-планскиот регион, неизбежна точка е компанијата „Саса“, којашто е гордост на македонскиот извоз и гордост на Стопанската комора. Во работењето на „Саса“ не постојат проблеми, таа е најголем извозник и како Стопанска комора сакаме компанијата таа позиција да ја задржи и во наредниот период. Можам да изразам задоволство дека кон крајот на овој месец оваа компанија ќе биде првата компанија во Македонија во областа на рударството која ќе ја добие интегрираната еколошка А-дозвола во рок предвиден со законот, и тоа е добар пример за останатите – истакна Азески.
Второто прашање на кое се разговарало е давањето концесии од страна на ресорните министерства, при што ќе се отворат перспективи за овој рудник до 2027 година. Со концесиите за кои се извршени еколошките истражувања ќе се постигне една стабилна финансиска ситуација, стабилна извозна позиција и нови вработувања, што е од исклучително значење.
– Многу сме задоволни од работењето на рудникот „Саса“. Во годините што следуваат по неговото рестартирање ние се надеваме дека со нашето работење го поддржуваме развојот на Македонија и развојот на источна Македонија, што, пред сѐ, се одразува врз показателите кои ги имаме постигнато. Знаеме дека нашите инвеститори се грижат за понатамошниот развој на нашите претпријатија, пред сѐ, во насока на зголемување на безбедниоста при работењето, на одржувањето на нивото на произвдство како и на зголемувањето на техничкото ниво на производство. Се надеваме дека таа поддршка, која досега ја имавме од сите надлежни релевантни државни институции, ќе продолжи, а ние ќе одговориме со добри резултати во наредните децении – истакна Раков.
Рудникот „Саса“ почна со работа во 1966 година, со годишен капацитет за преработка со околу 300 илјади тони. Максималото годишно производство е остварено во периодот од 1970 и 1980 година, при што е експлоатирано и произведено околу 625 илјади тони влажна руда. Во 2003 година рудникот е затворен.
По рестартирањето на рудникот „Саса“ во 2006 година, од страна на руски инвеститор, вложувањата во рудникот се во капиталните објекти, машините и опремата кои придонесуваат за експлоатацијата и преработката на рудата преку 750 илјади тони руда.
Досегашните вложувања во рудникот,изнесуваат преку 50 милиони евра.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.