| четврток, 6 декември 2018 |

Бугарскиот режисер Морфов избран за почесен доктор на ЕСРА

Александар Морфов, бугарскиот режисер и театарски гениј, денеска беше избран за почесен доктор на Универзитетот за аудиовизуелни уметности ЕСРА Париз-Скопје-Њујорк.

„ Неговите легендарни претстави во Националниот театар во Софија, неговиот ангажман како уметнички директор, работата во Русија, неговата исклучителна поврзаност за театарскиот живот во Македонија, присуството во театрите и на театарските фестивали ширум целиот свет, како и неговиот личен естетски хоризонт ќе бидат пример за идните генерации на млади уметници, не само од нашиот универзитет, туку и за сите млади визионери“, се наведува во одлуката што ја донесе Научно-наставниот совет на Универзитет за аудиовизуелни уметности ЕСРА Париз-Скопје-Њујорк.

Морфов е волшебник кој ги избриша границите на Балканот и е подеднакво присутен на сите сцени во светот, истакна во својата беседа ректорот Јордан Плевнеш.

Морфов се заблагодари за наградата и додаде дека во Македонија има многу пријатели, како Благој Стефановски, Владо Цветановски, Влатко и Горан Стефановски, Никола Ристановски…

Буарскиот режисер е првиот театарски режисер прогласен за почесен доктор на овој универзитет, што претставува и гест на препознавање на неговата личност, но во исто време и препознавање на значењето на современиот бугарски театар и неговите претставници од почетокот на 20 век се до денес.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top