| четврток, 6 декември 2018 |

Металург е десеткуван, но не ѝ се предава на Барселона

Металург посакува второ големо изненадување пред својата публика во Скопје, по премиерната победа против Пари Сен Жермен, а сега мисијата ќе биде многу потешка, ќе треба да се победи Барселона, задутре од 18 часот во салата „Борис Трајковски“. Каталонците се непоразени во фазата по групи, сигурно ќе бидат први, а патем го декласираа нашиот вицешампион во првиот меч во Барселона. Сега гостуваат во Скопје, а Металург има и дополнителен проблем бидејќи неизвесен е настапот на бомбардерот Павел Атман. Рускиот репрезентативец се повреди во Минск на дуелот од деветтото коло во Лигата на шампионите против Динамо.

– Задоволни сме со пласманот во фазата Топ 16, а Барселона која, според мене, е прв фаворит за титулата во Лигата на шампионите е голем предизвик. Штета што во незгоден момент ни гостуваат бидејќи имаме проблеми со повредите, особено по пехот на Павел Атман. Тој не може да шутира, а не знам ниту дали ќе игра. Имавме тешко и напорно гостување во Белорусија, што дополнително нѐ замори. Знам дека Барселона ќе игра максимално, со голема мотивација, иако веќе се сигурно први во нашата група. Во првиот меч нѐ победија убедливо и немаа милост, и не би било мудро да се закануваме. Очекувам од сите играчи на Металург, без ралика со кој состав ќе играме, да бидат дисциплинирани, борбени и да му пружиме сериозен отпор на апсолутниот фаворит Барселона. Тие се практично една светска селекција, што е склоп на извонредни поединци во силен колектив. Имаат дузина екстракласа ракометари од калибарот на Рутенка, Лазаров, Карабатиќ и секаде се фаворити – изјави Лино Червар.

Еден од главните адути во десеткуваниот состав на Металург ќе биде Филип Миркуловски, Средниот бек на „сините“ од Автокоманда ветува многу борба и посакува сензација.

– Сакаме да играме со големите тимови, а посебен предизвик ни е Барселона. Да докажеме дека несупехот во првиот меч беше момент на слабост. Се надевам дека со поддршка од публиката ќе ја изненадиме Барселона, за втор скалп на голем тим по победата над Пари Сен Жермен – вели Миркуловски.

Пред стартот на последното коло во групата Ц, Барселона е лидер со 17 бода, пред Пари Сен Жермен со 11 и македонското дуо Вардар и Металург со по 10 бода. Тоа се четирите екипи од оваа група што обезбедија пласман во нокаут-фазата од ЛШ.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top