
Милиони туристи секоја година доаѓаат до Кинескиот театар на булеварот Холивуд за да ги видат отпечатоците од дланките и стапалата на познатите холивудски ѕвезди, а отсега ќе имаат можност да ги видат и втиснатите отпечатоци на најумниот пес на светот од анимираниот филм „Господин Пибоди и Шерман“.
Филмот од 6 март ќе се прикажува во кината во Скопје – „Милениум“ и „Синаплекс“, како и во кино Битола и во Кавадарци.
Најумниот пес на светот, Господинот Пибоди, втисна отпечатоци од своите шепи пред Кинескиот театар, една од историските киносали на булеварот Холивуд, каде што отпечатоци од дланките и од стапалата досега оставиле околу двесте ѕвезди на седмата уметност.
На свечениот настан присуствуваа и познатите песови Рин Тин Тин, Леси и други, како и актерите кои ги позајмија гласовите за главните ликови во оригиналната верзија на филмот „Господин Пибоди и Шерман“ – Тај Барел (Господин Пибоди) и Макс Чарлс (Шерман).
Господинот Пибоди е деловен гигант, пронаоѓач, научник, лауреат на Нобеловата награда, гурман, освојувач на олимписки медали и гениј кој, покрај сето тоа, сосема случајно е и – пес. Благодарение на извонредната интелигенција, Господинот Пибоди успева да оствари неверојатни нешта, но понекогаш на обичните луѓе им е тешко да се справуваат со нив – или да сфатат за што им зборува тој. Шерман, момчето што го посвојува е единственото нешто кое му претставува предизвик. Господинот Пибоди му се посветува на Шерман, преку кого учи една работа која генијалците тешко можат да ја сфатат, а тоа е родителството. Кога во приказната се вмешува и времепловот ВЕЈБЕК, тогаш почнува несекојдневната авантура на најнадарениот пес во светот и умното момче на патот низ историјата на човештвото.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


