| четврток, 6 декември 2018 |

Продолжува шампионската ракометна треска, Металург и Вардар магнет за публиката

Ракометната треска што трите македонски клуба ЖРК и РК Вардар и машката екипа на Металург ја предизвикаа во Македонија со настапот во Лигата на шампионите ќе продолжи и овој викенд.

Овојпат во ЛШ ќе играат само машките состави на Вардар и на Металург, а на ред се два врвни спектакли во полни сали во Скопје и во Париз.

Македонскиот првак Вардар ќе му гостува на ПСЖ, а според најавите на клупската веб-страница на францускиот шампион сите билети за натпреварот в сабота од 18 часот се распродадени.

В недела Металург во истиот термин ќе ја пречека непоразената Барселона во салата „Борис Трајковски“ во Скопје, а билети нема  одамна. Околу 3 илјади влезници што беа пуштени во слободна продажба пламнаа за само дваесетина минути, па „сините“ од Автокоманда ќе имаат одлична поддршка од околу 7 илјади гледачи.

И двете наши екипи се во битка за втората позиција, а веќе имаат сигурен настап во нокаут-фазата. Моментно пред стартот на последната рунда лидер во групата Ц е Барселона со 17 бода, пред ПСЖ со 11, а Вардар и Металург имаат по 10 бода.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top