Компании од Западна Австралија се силно заинтерсирани да ископуваат минерални суровини во Македонија, истакнал австралискиот федерален пратеник Лук Симпкинс на денешната средба со претседателот на Собранието, Трајко Вељановски.
Двајцата соговорници разговарале за учеството на македонската иселеничка заедница во општестениот живот на Австралија и за можностите за проширување на економската соработка.
Симпкинс истакнал дека македонската заедница има голем придонес во општествениот и социјалниот живот на Австралија и дека е федерален пратеник од изборна единица во која има 1.000 македонски гласачи.
Симпкинс е пратеник во Долниот дом на Федералното собрание на Австралија од редовите на опозициската Либерална партија и еден од најголемите австралиски лобисти за Македонија. Федералниот пратеник Симкинс престојува во неколкудневна работна посета на Македонија.
Вчера тој имаше средба со министерот за надворешни работи Никола Попоски, со кого беа разменети мислења за повеќе аспекти од билатералните односи меѓу двете земји. Во тој контекст, како што соопшти МНР, беше подвлечено значењето од натамошно засилување на меѓупарламентарната соработка и на остварувањето посети на високо ниво.
Во врска со неговите впечатоци од посетата, Симпкинс истакнал дека е одушевен од напредокот и од модернизацијата на главниот град оценувајќи дека тоа е добар показател за економската стабилност и изразил надеж дека разговорите со посредникот Нимиц ќе вродат со плод.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


