
Претседателот на Граѓанска опција за Македонија(ГРОМ), Стевчо Јакимовски ја повика СДСМ да застане зад кандидатот за претседател на Република Македонија на ГРОМ Зоран Поповски. Тој јавно понуди Поповски да биде заеднички кандидат, поради неможноста СДСМ да понуди свој.
-Денеска сме подготвени повторно да понудиме соработка, имајќи предвид дека СДСМ има проблем затоа што ниту еден негов партиски функционер не прифаќа да биде кандидат за претседател на овие претседателски избори. Затоа, сакаме да ги повикаме да го поддржат господинот Зоран Поповски, на тој начин скратувајќи ги своите маки, а во текот на денешниот ден Граѓанска опција за Македонија ќе ги собере потребните 10.000 потписи потребни за неговата кандидатура – рече Јакимовски, дополнувајќи дека доколку кандидатот на ГРОМ биде поддржан од опозицијата, најверојатно ќе биде победник на овие претседателски избори.
На новинарското прашање во врска со обвинувањата од СДСМ дека лидерот на ГРОМ, како актуелен градоначалник на Општина Карпош, потрошил 120.000 евра за спортска опрема, Јакимовски одговори дека во соодветна судска постапка, на тие што паушално обвинуваат ќе им биде разјаснето каде се трошат парите на граѓаните од Карпош.
Во врска со мислењето на јавноста дека власта подготвува терен за победа на овие избори, делејќи субвенции и олеснувања за одредени категории граѓани, Јакимовски изрази мислење дека таквите дејства не се случуваат првпат во земјава и не се многу од корист, како и тоа дека токму опозицијата е таа што треба да е посилна за да дојде на власт, така што ќе ја убеди јавноста во своите вредности и предности
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


