Новиот магистрален пат Охрид-Свети Наум ќе биде долг близу 40 километри. Проектот за реконструкција на магистралниот патен правец Охрид – Свети Наум ќе се реализира во две фази, информира денес директорот на Агенцијата за државни патишта, Љупчо Георгиески. Со првата фаза е дефинирана делницата на потегот од бензинската станица во близина на Билјанини извори до Пештани.
-Патот на овој потег ќе биде широк 12 метри, ќе има четири ленти, по две во двата правци. Очекуваме проектот да биде готов во средината на оваа година. Владата веќе размислува и прави финансиска конструкција со цел до крајот на оваа, или на почетокот на наредната година да се почне со реализација на проектот . Секако, во меѓувреме треба да се решат и имотно правните односи- изјави Георгиески.
Паралелно се изготвува и втората фаза од истиот проект , за дел од магистралниот пат од Пештани до граничниот премин кај Свети Наум. Согласно потпишаниот договор и обезбедените финансиски средства, проектот треба да биде готов до крајот на 2014.
Во врска со патниот правец Кичево- Охрид, директорот на Агенцијата за државни патишта информира дека камен темелникот се очекува да биде поставен на крајот на овој месец или почетокот на март. Средствата за изградба се обезбедени, склучени се договори,а во моментов се работи на довршување на постапката за експропријација.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.