Страв од сенароден отказ проткаен со мазохизам
Можеби „обичните“ смртници подобро би ги разбирале политичарите кога би можеле да влезат во нивната кожа. Барем само на еден ден. Но, не кој било ден, туку на денот на избори. И не да победат, туку да загубат. Е, тоа е синоним за животен пораз, велат светските психолози што се занимаваат со оваа тематика. Неприфаќањето на понудената опција од народот е страшна работа за засегнатите политичари. Пластично опишано, го споредуваат со отказ на работа, но во овој случај не ги отпуштил еден човек или дури и два-тројца шефови во координација, туку наеднаш и безусловно ги „отпуштиле“ илјадници луѓе. Уште пострашно, отказот т.е. поразот е јавен и претставува неизбежно удар врз егото на единката и на колективот со кој се идентификува. Едноставно, вака, општеството ги отфрлило, страшен удар, кој ќе ја ничкоса сечија самодоверба. Па уште замислете тоа да ви се случува седум пати во неколку години, последниот таков удар да бил пред помалку од една година, а ве очекува иста таква непријатна можност по два месеца? Дијагнозата на психијатарот, во овој случај, би била едноставна – класичен мазохизам! Едноставен и единствен опис за некој што толку многу сака да учествува во игра што постојано му предизвикува голема болка…
Подготовките за новиот неуспех почнаа два и пол месеца пред изборите. Партиските мегафони, засткриени во различно општествено руво, како експерти и како новинари, уште од денот на објавувањето на претседателските избори, без конкретен доказ и абер за предвремени парламентарни, веќе наголемо со траурен тон, во црна сценографија и без никаков аргумент најавија изборен фалсификат. До усвојувањето на Изборниот законик тој беше главниот аргумент, небаре пред него бевме Руанда, а сега се зборува за негово евентуално прекршување. Попусто беа сите објаснувања, дури и на ДИК, дека опозицијата не е во право. Фингираната приказна за хоророт и за режимот во Македонија, скроена во умовите на неколкумина луцидни сценаристи, продолжи со истото темпо…
Пуста желба за украинско сценарио, но им недостига народ…
Опозицијата во државата наголемо промовира атмосфера на страв, божемни „режимски“ акти, нивните пратеници и надворешни пера предвидуваат „фалсификувани избори“ и песимистички најавуваат украинско сценарио?! И сето тоа на десетина дена откако владејачките партии ги прифатија сите забелешки и измени во Изборниот законик.
Според професор д-р Тања Каракамишева – Јовановска од Правниот факултет во Скопје, СДСМ личи на мало дете на кое сите му се виновни. Доцент д-р Иванка Додовска, пак, исто така од Правниот факултет во Скопје, вели дека за украинско сценарио е потребен народ, ресурс со кој СДСМ кубури.
Каракамишева: Кога немате со што да се пофалите, кога сте свесни дека немате да понудите достојна политичка алтернатива, а во исто време не сте дораснат да се соочите со сопствените лоши навики и карактеристики, секогаш е полесно виновникот да го барате кај другиот. Така, не можејќи да се соочат со вистината, која е болна и која, несомнено, бара веднаш да се дејствува и да се има план, СДСМ продолжува да се однесува како мало дете на кое сите му се виновни. Станува стручњак во пронаоѓање „режимски елементи во системот“ затоа што е немоќен да се соочи со сопствените режимски кадри, кои ја држат партијата во заложништво, во секое време и на секое место се расположени да зборуваат за евентуални изборни фалсификати од невиден обем за да не се соочат со вистината дека на избори не се оди со муабети, со дворски местенки и со програма напишана на салфетка, туку со вистински, стратегиски осмислена политика и со издржана државна стратегија на краток, среден и на долг рок. Сѐ додека СДСМ не се ослободи од сопствениот кошмар, кој заедно со нив колатерално, без никаква вина, нѐ измачува и нас како заедница, ќе продолжиме да стоиме на станицата на песимизмот и на „украинското сценарио“, кое опозицијата најмногу го посакува, а кое, за наша среќа, нема да се случи затоа што народот е поумен од тоа што СДСМ мисли дека е.
Додовска: Во раководството на опозицијата, како и во нивното членство, има образовани луѓе, кои се свесни за можностите на партиите во опозиција и за нивниот рејтинг. Секако дека лидерите на опозицијата ги слушаат своите членови и симпатизери и иако не живеат меѓу народот, не можат да си го дозволат луксузот да престанат да слушаат за народот. Ви тврдам дека сценарија од типот на тоа во Украина се апсолутно невозможни бидејќи за тоа ви е потребен народ, а во овие услови опозицијата во Република Македонија сѐ уште не располага со тој неопходен аргумент.
Сдсмовски политички феномен вреден за истражување
Опозициската политика донесе големо зло и тешки удари врз угледот на земјата, вели Каракамишева-Јовановска, според која СДСМ и натаму е дезориентирана партија, чијшто главен белег е ретерирање во одлуките.
Каракамишева: СДСМ веќе подолг временски период има исклучително лоша политичка процена на состојбите во земјата и доколку воопшто има осмислено политичка стратегија на дејствување, таа оди на штета, пред сѐ, на интересите на СДСМ како најголема опозициска партија, но, уште поважно, таа е спротивна на интересите на Република Македонија. Со начинот на политичкото дејствување, СДСМ, свесно или не, ги поткопува демократските вредности во земјава на сметка на промовирање антидемократски состојби и акции. Да потсетиме дека токму СДСМ пред само една година беше ставен во целосна мобилизација за примена на политика што имаше антидржавен предзнак, токму СДСМ го повикуваше народот на улица со цел преку улицата и преку заблудата што ја ширеше насекаде за „крај на режимот на Груевски“ да ги прескокне изборите како најдемократска вредност и така уличарски да ја освои власта. Оваа политика нанесе големо зло врз угледот и кредибилитетот на земјава, без разлика што како бумеранг ѝ се врати по глава и на СДСМ.
Според неа, оваа партија стана заложник на сопствената политичка кујна, чијшто главен готвач, тогаш главен водач – а сега готвач од заднина, ги измеша рецептите и сега мака мачи како да го среди тој хаос и како да ги врати работите во колосек што ќе биде прифатен како нормален. Лошата политичка процена, вели таа, ѝ донесе голема политичка штета на земјата, но иако штетата е направена, ако се земе предвид вкупното однесување на СДСМ, не е извлечена поука.
Каракамишева: Оваа партија и натаму е политички дезориентирана, и натаму нејзино основно обележје е ретерирање во политичките одлуки, движење од една во друга крајност за иста работа, немање политичка конзистентност, која е клучна за секоја сериозна партија, но и за секој сериозен и стабилен човек. Оттука, воопшто не треба да нѐ зачудува дека и од прашањето за предвремени парламентарни избори, кои, патем речено, се дел од мартовскиот договор за кој беа најгласни и најмногу се радуваа дека е нивни политички успех, сега бегаат како од чума. Со сите свои досегашни постапки и однесувања СДСМ дава интересни материјали за истражување на еден, би го нарекла, сдсмовски политички феномен, во чијашто есенција се наоѓа неговата главна поента – опозиција што бега од изборно соочување со граѓаните, нешто што во политичката теорија е нечуено и се третира како преседан. Ако во сите демократски системи опозицијата на големо работи за што поскоро да дојде до избори и да ги покажат своите политички програми и визии за земјата, во Република Македонија опозицијата, или конкретно СДСМ, буквално, бега од избори, а истовремено не нуди политичка програма во која на интегрален начин ќе ги претстави своите погледи и политика за развој на земјата. Овој политички феномен, навистина, вреди да се истражува на интердисциплинарен начин (политички, социолошки, економски, но и психолошки) бидејќи мислам дека во неговиот корен се наоѓа формулата за политичкиот неуспех на СДСМ. Коренот на феноменот наједноставно се опишува преку секојдневните состојби што владеат во оваа партија, а кои се карактеризираат со денгубење, неработа, малограѓанство, бескрајни византиски игри… Место да се занимава со вакво политикантство, СДСМ треба сериозно да ги засука ракавите, да го загрее столчето и да се фати за работа, да ги отстрани од своето ткиво неработниците, кои ни се добро познати, и да ја искорени малограѓанската политика со која залудно го губи времето.
Според Додовска, пак, основа на ретерирањето на опозицијата во желбата за избори, која беше основа на минатогодишните протести, се катастрофалните резултати на локалните избори, кои, по правило, во македонската современа историја од 90-тите години на 20 век до денес беа своевиден репер за идните парламентарни избори. Од тие причини, нејзините размислувања одат во насока дека опозицијата е свесна за реалните пречки со кои е соочена и оттаму се обидува да ја сведе политичката битка на дневна основа и на празна фразеологија, која, во суштина, не ветува ништо спектакуларно за подобрување на стандардот на македонските граѓани.
Додовска: Многупати во измината година една од најжестоките теми претставуваше фабрикуваниот 24 декември и барањето на опозицијата за предвремени парламентарни избори, но, лично, ниеднаш не слушнав аргумент со кој тие вистински беа решени да се изборат за можноста поради која ќе се случеа. Покрај дивеењето во Собранието и пред него и нападот врз претседателот на Собранието, опозицијата, предводена од Црвенковски, со Сојузот за иднината (кој беше во најава), во суштина, имаше на ум и друго сценарио. Сметам дека зад флоскулата за итно распуштање на Собранието и за распишување предвремени избори се криеше план за целосен колапс на целиот институционален систем во Република Македонија и преку предизвикувањето хаос, целта им беше да ја урнат легитимно избраната власт на еден недемократски начин, со распалување улични немири и со граѓанска непослушност. Откако тоа, сепак, не се случи, поводот за распишување предвремени избори стана жежок костен во дланките на опозиционерите и сега, во ниеден случај, не се среќни со можноста што им се укажува, а која, во друг случај и во услови на вистинска клима, секако, најдоброволно би ја прифатиле.

Електронско гласање vs мастилав прст?!
На што ќе личи Македонија со граѓани-гласачи, чиишто прсти ќе имаат целодневна обоеност со сино мастило, едно од барањата на опозицијата, акт карактеристичен за земји како Авганистан и Зимбабве. Го потценува ли СДСМ капацитетот на сопствениот народ, паралелно создавајќи перцепција кај западните партнери и институции дека овде владее некаков си тоталитаризам, карактеристичен за јужноамериканските банана-држави?
Каракамишева: Одбележување со видливо мастило е техника што се применувала пред повеќе од еден и пол век. Денес таа не само што не се применува никаде во демократските европски земји, а и пошироко, туку е депласирана и како историска категорија многу ретко се објаснува во теоријата на изборното право. Во услови кога во демократскиот свет се унапредуваат модалитетите и техниките на електронското гласање и кога самиот изборен процес сѐ повеќе се усовршува и напредува, опозицијата предлага одбележување на избирачите со мастило небаре сме на фарма. Овие и вакви предлози го навредуваат македонскиот избирач, неговиот граѓански, но и интелектуален капацитет. Да биде трагедијата поголема, ова прашање воопшто не беше забелешка, ниту препорака во извештаите на ОБСЕ/ОДХР и на Венецијанската комисија. Што значи самите си го одредивме сопствениот капацитет, си направивме автопортрет… И потоа некој друг ни е виновен.
Додовска: На тоа најдобро би било да ви одговорат тие што го бараат. Лично, верувам во демократскиот капацитет на граѓаните и тврдам дека и досегашните механизми за доследно спроведување на демократски избори во нашата држава беа на високо ниво. Доколку опозицијата се сомнева и бара дополнителни гаранции, и доколку се прашувам јас, би ѝ ги понудила несебично бидејќи на тој начин би се запреле сите конструкции и обиди за манипулирање со гласачите. Впрочем, ниедна власт не е вечна, па оттаму негативно го оценувам однесувањето на опозицијата, која придонесува за разгорувањето како на внатрешните антагонизми меѓу луѓето, така и за создавање лоша слика за македонската држава надвор. Особено во тој поглед мораме да се угледаме на нашите соседи, кои многу одамна ја научија таа основна лекција, дека проблемите се решаваат дома и исклучително дома, а надвор сите се единствени кога станува збор за стратегиските цели на државата!
(Пишува: Љупчо Цветановски
Текст објавен во 75. број на неделникот „Република“, 7.02.2014)
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


