Членови на СДСМ, па и тие што се претставници и избрани од народот во парламентот, не смеат да се појават во медиуми без дозвола на Центарот за комуникации. Доколку ова ви звучи неверојатно, уште поневеројатно ќе ви звучи дека од Центарот, пак, на писмено барање дозвола за интервју (!?) со пратеник во Собранието на Република Македонија, ќе ви одговорат (секако, по телефон) и дека „пратеникот не сакал“, потоа „дека прашањата се веќе одговорени“ и дека „нема потреба за интервју“.
Да се разбереме, станува збор за најголема опозициска партија, која инсистира на смена на „недемократската“ власт во Македонија. Партија што инсистира да прикаже нова програма на новото раководство. Партија што дузината изборни нокаути ги правда со „криминални избори“, кои само тие ги гледаат како такви, меѓу другото и поради скратен простор во медиумите – и јавните и приватните.
Социјалдемократите во Македонија чекаат од Центарот за комуникација да им биде посочено на кои медиуми да го споделат тоа што претходно им е посочено. Наредбата е да се бега од другите медиуми. Како што новиот лидер Заев им избега на медиумите во Брисел, но поправен, исправен и надополнет даде изјава за медиумите на СДСМ. А, тоа е невозможно во медиумите што не им се под капата. Затоа другите медиуми се „недемократски“, „неслободни“, „режимски“, „платени“.
А тоа, секако, не прилега на партија што се бие в гради дека ќе ја смени власта, дека има нова постава и нова програма, која е кроена за јавноста од која очекува глас за поддршка. Партии со такви карактеристики не бегаат од медиуми, тие, навистина, сакаат медиумско внимание – особено поголем простор за интервјуа со нејзини членови.
Во однесувањето на СДСМ е најинтересен фактот што не се одбива интервју – туку се бега. Се игра мижитатара. Новинарското искуство во последните три месеци во неделникот „Република“ при договарање интервјуа со членови на СДСМ се одвива во три стапки: Слушање со политичките претставници од опозицијата; Начелно прифаќање и договарање интервју, со тоа што опозиционерот секогаш има „нешто“ само да расчисти набрзина, со најава за слушање за кратко; Неодговарање од политичарот на телефонските повици на новинарот.
Ова однесување стана својствено за една половина од пратеничката група на СДСМ, како и на дел од раководството. Меѓу нив се и Јани Макрадули, Игор Ивановски, Дамјан Манчевски. Со тоа што се јавуваат на обичен непознат припејд-број, но се враќаме на првата ставка.
Има и такви што се малку поотворени, па велат дека не сакаат или бараат време да размислат. На пример, Наташа Савова и Емилијан Станковиќ.
Конечно – побарај дозвола
Со вакво искуство со СДСМ се здобиваат сѐ повеќе новинари и од други медиуми, кои не се под капата. Сепак, повеќе намерно отколку случајно, пратеникот од СДСМ Горан Минчев неодамна на авторот на овие редови, во обид да договори интервју, му предочи: „Ајде прво побарај дозвола од Центарот за комуникации, па потоа, ако дозволат, ќе дадам интервју“. Прашан за сериозноста на изјавата, Минчев на двапати го повтори истото.
И еден месец подоцна, поранешниот генерален секретар на партијата Минчев, еден од ретките опозиционери што се постојано достапни, го повтори истото: „Јас ве насочив и минатиот пат, прво во Центарот за комуникации, да се добие дозвола, па потоа ќе направиме интервју. Не е проблем, само се има ред, нели, ние сме организирани…“.
Од Центарот за комуникации по второто наше телефонско „барање дозвола“ побараа официјално барање преку електронска пошта, со наведени прашања, теми, кој, кога, каде, а, сепак, „Република“ не беше удостоена со писмен одговор. Се разбира, не дојде до интервју.
Овие два разговора со ист одговор, како и однесувањето од Центарот за комуникации, во себе содржат многу повеќе цинизам за функционирањето на СДСМ и за неговиот однос кон медиумите од цинизмот во сите нивни настапи заедно во кои ја оценуваат слободата на медиумите во земјата.
Од неодамна носителот на неформалната титула златна бургија за заслуги на угледот на опозицијата, Петре Шилегов, заедно со другите од старата гарда, не дозволува пиле да прелета до неконтролиран, непросдсмовски медиум.
Целата сторија наведува на тоа дека новиот ветер во СДСМ не донесе ништо ново. Веројатно затоа не им требаат други медиуми за поширока презентација. Но, дали со запоставување на медиумите, во СДСМ не се отвора терен за спроведување на една друга, позната програма, далеку од очите на јавноста? Дали се наѕира замена на програмата на „новите момци“, кои беа најгласни за смена на Црвенковски, со враќање на стратегијата „Надеж“?
Надежта последна умира
Да се потсетиме, „Надеж“ е името на стратегијата на СДСМ, платена со 340.000 евра народни пари, со која место со изборна програма, партијата треба со притисок и насила да ја заземе власта. Една половина од таа платформа се состои од директна или индиректна злоупотреба на медиуми. За постигнување на таа цел треба да се пласираат информации дека класичните медиуми се корумпирани и затоа треба да се користат нови; треба да се ангажираат медиуми и европски невладини организации за да се прикаже дека е загрозена слободата на медиумите и дека се злоупотребени за владини цели; како и да се формираат нови медиуми со пари од Фондацијата на Сорос, Институтот отворено општество.
Со „Надеж“ беа претпрограмирани и дијалозите за Македонија, антифашистичките пораки кон власта на сите нивоа, дејствувањето на разноразни распеани групи. Нејзиното последно активирање ја доведе државата на работ на братоубиствена војна, а партијата остана без многубројни видни членови.
Дали молкот од СДСМ насочен не само кон „Република“, туку и кон сите медиуми што не се под директна уредувачка политика на СДСМ, е вовед во враќањето на платформата „Надеж“, а со тоа чистење на патот од новите момци за вечниот лидер? Ќе покаже времето. Сега се на ред токму тие што најгласно бараа расчистување со вкупната „Надеж“. Сепак, односот кон медиумите ќе биде пресуден.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.