Неделникот „Фокус“ и порталот „НОВА ТВ“ имаа очигледна намера неосновано да ги дискредитираат неделникот и веб-сајтот „Република“, но уште поочигледно е дека „тимот истражувачи“, и покрај тоа што се потрудиле да најдат нешто нелегално во работењето на весникот, успеаја само да објават низа невистини и тенденциозни и неиздржани заклучоци. На нивната „истражувачка сторија“ ќе додадеме дека „Република“ максимално ги почитува и се придржува кон законите во државата. Редовно ги намирува сите обврски како кон државата, така и кон вработените, водејќи се според закони кои се во сила и законски регулативи со кои е регулирана новинарската дејност. „Објективните истражувачи“ заборавиле да споменат дека www.republika.mk беше прогласен за веб-сајт на годината на истата манифестација на која www.novatv.mk (кој е нешто помлад од веб-сајтот „Република“) ја доби наградата најдобар информативен веб-сајт. За деталите во врска со гласањето може да ги консултираат организаторот и жири-комисијата.
Сепак, со оглед на фактот дека со тој текст „истражувачите“ тешко ќе ги оправдаат средствата од странски донатори добиени за истражувањето, им препорачуваме да ја прошират приказната во правец каде што може да откријат многу поинтересни детали.
На пример, ако се заинтересирани да истражуваат на тема „избегнување даноци“, за почеток може да го проверат начинот на функционирање на порталот „Плусинфо“. Фокусот на истражувањето нека биде со која цел порталот е пријавен како здружение на граѓани наместо како фирма која се занимава со новинарска дејност. Сигурно јавноста би ја интересирало колку данок плаќа здружението на граѓани за дејноста што ја врши и колку би платило ако е регистриран како нормален правен субјект, кој си ги плаќа сите давачки кон државата при вршење новинарска дејност. Во истражувањето може да ги опфатат и нивните портали (Фокус и НОВА ТВ), но и „Либертас“, БРИФ, „А1он“…
Кога сме кај даноците, на таа тема може да го истражат и случајот со газдарицата, пардон кираџиката, Радмила Шекеринска, која во исто време издава и живее во издадениот стан. Истражувачкиот тим на „Фокус“ и на „НОВА ТВ“ нека истражи како е можно во исто време да бидеш и газда и кираџија? Бидејќи во нивното истражување се водат според „логиката на нештата“, би било интересно нивното логично објаснување како е можно во Македонија некој да си издава стан на себе, и тоа ни помалку ни повеќе туку за фантастични 5.317 евра дури за европски услови? Во исто време може да откријат и дали потпретседателката на најголемата опозициска партија, која го убедува народот дека чесно би ја водела државата, и самата го крши законот?
Третата тема која може да ја истражуваат и која би можела да ги доведе до интересни информации, што, секако, би ја интересирало и целата јавност, е поврзана со неразјаснетите детали за смртта на главниот уредник на „Фокус“, Никола Младенов. Потребно е само малку да се заинтересираат за таа тема и сигурно нема да им биде тешко да дојдат до нови детали во врска со, на пример, вториот телефон на Младенов, кој „исчезна“ во истрагата. За тој телефон прво се интересираше неговата сопруга, а го споменуваа и некои негови „блиски“ колеги кои прво тврдеа дека го имал со него, а потоа неочекувано замолкнаа и покрај тоа што мобилниот мистериозно „исчезна“ во текот на истрагата. Интересно е зошто по првичните еуфорични закани од страна на неговите колеги дека ќе бараат откривање на целата вистина, наеднаш се повлекоа, па дури покажуваа и агресивност кога некој ќе се обидеше да прозбори на таа тема. Сигурно на овој истражувачки тим ќе му биде многу лесно да ја разоткрие мистеријата имајќи предвид дека експресно може да обезбеди информации од сите поврзани со случајот.
Четвртата тема на која можат да истражуваат е на колку новинари им остана должен стариот „Фокус“ и никогаш не им ги исплати платите и придонесите? Кои новинари беа уценувани да се откажат од придонесите, а потоа и од неколку плати како услов да продолжат со работа и како поминаа тие што „се дрзнаа“ да си ги бараат заработените пари? Информациите може да ги добијат со меѓусебно интервјуирање и со поставување прашања на нивни поранешни колеги кои сега, „од разбирливи причини“, не работат со нив. Во исто време, трагајќи по тие информации, може да откријат и со кои пари опстојуваат весникот „Фокус“ и порталот „НОВА ТВ“? Кои се донаторите и за колку пари станува збор? Колкав дел од колачот оди за уредниците, а колкав за останатите новинари?
Со оглед на фактот дека тимот истражувачи откриваат како весникот и порталот „Република“ беспоштедно ја бранат владината политика, им порачуваме да направат анализа на содржините објавени во неделникот „Република“ и во неделникот „Фокус“ (тука може да ги додадат содржините и на порталот „НОВА ТВ“ ако сметаат дека тоа ќе им го подобри билансот). Ако не успеат сами да откријат во што е поентата, ќе им укажеме – во независниот неделник „Фокус“ и на порталот „НОВА ТВ“ има 0 (нула) проценти избалансираност во однос на објавените содржини, додека во неделникот „Република“ речиси во секој број се отстапува простор за некој опозициски политичар или за проопозициски аналитичар. Тука мора да се земе предвид и фактот дека досега понудата за интервју од „Република“ ја одбија речиси сите сегашни и поранешни високи функционери во СДСМ. Колку простор отстапуваат независните „Фокус“ и „НОВА ТВ“ за претставниците од власта?
Очекуваме да ја видиме на дело независноста и професионалноста на „Фокус“ и на „НОВА ТВ“.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.