| четврток, 6 декември 2018 |

Германски парламентарци: Иницијатива за деблокада на Македонија со словенечко-хрватскиот модел

Bundestag

Деблокирањето на евроинтеграцијата на Македонија со примената на т.н. словенечко-хрватски модел и задачите за земјата биле теми на разговорите меѓу група пратеници од македонското Собрание и претставници на германскиот Бундестаг и на Владата во Берлин.

Германија ќе ја продолжи поддршката за Република Македонија што поскоро да ги почне преговорите за членство со ЕУ и јасно е детектирано дека евроскептицизмот, прашањата за емигрантите и европската криза не се сојузници на процесот на проширувањето, се пораките што Берлин ги испрати до македонските парламентарци кои два дена се гости на фондацијата „Конрад Аденауер“, јавува „Дојче веле“.

Демохристијанскиот претседател на групата за Југоисточна Европа во германскиот Бундестаг, Петер Вајс, оценува дека вреди да се направи обид и на Македонија да ѝ се дозволи поинаков пат на интеграција од досегашниот. За што поголем придонес на германските парламентарци во надминување на грчката блокада според Вајс е договорена подобра меѓусебна размена на информации со што будноста за темата Македонија би била поголема.

На прашањето како може Македонија конкретно да ја почувствува германската поддршка кога е во прашање доближувањето до ЕУ и блокадата на Грција, Вајс потенцира дека е разговарано за идејата пристапните преговори да започнат на еден неформален начин, без претходно решение за спорот со името, за која цел во наредните месеци уште еднаш ќе треба да се сретнеме и да разговараме.

– Јас можам да си претставам почеток на една ваква иницијатива од страна на германските парламентарци. Ова, меѓутоа, мора да биде поддржано и од сите други во Европската унија. Замисливо е и ќе биде потребно многу работи претходно да се договорат – подвлекува Вајс, кој посочува дека ова би бил „невообичаен пат“. Тоа, меѓутоа, не значи дека парламентарците би биле „слободни стрелци“, туку дека претставниците кои се задолжени за регионот, најпрво
неформално во фракциите ќе разговараат за конкретните иницијативи, по што ќе имаат прилика за ова да дискутираат и со министерот и одговорните од сојузното МНР – вели Вајс.

Тој нагласи дека германските парламентарци немаат разбирање за однесувањето на Грција, и оти на последната дебата во Бундестагот грчката блокада на Мазкедонија јасно била критикувана.

– Но, за жал, моментно немаме никаква можност оваа блокада да ја остраниме – вели Вајс.

Антонио Милошоски, претседател на Комисијата за европски прашања на македонското Собрание, кој ја предводеше македонската делегација во Берлин, изјави дека во Бундестагот постојат група добри познавачи и пријатели на регионот кои се расположени да ја разгледаат иницијативата за примена на словенечко-хрватскиот модел при преговорите за членство во ЕУ и за Македонија.

– Тоа значи поведување одредени иницијативи кои ќе создадат околности Македонија и Грција паралелно да разговараат и за членството во ЕУ и за разликите во името. Така тие два процеси наместо да се косат еден со друг, како што е досега, би се стимулирале со заедничка мотивација – што поскоро да се стигне до двете цели – појаснува за „Дојче веле“ Милошоски.

На разговорите со портпаролот на сојузната влада, државниот секретар Штефен Зајберт, на македонските парламентарци им било посочено дека средбата на канцеларката Ангела Меркел со преговарачот Метју Нимиц била токму на иницијатива на Меркел. Тоа било претставено како сигнал за нејзината лична заинтересираност да дознае повеќе за македонско-грчкиот спор и да ги согледа можностите на кој начин германската влада и германската дипломатија би можеле да  дадат свој придонес за придвижување и за пробивање на грчката блокада.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top