Вечерва во новиот објект на Македонскиот народен театар (МНТ) во 20 часот ќе биде изведена премиерата на претставата „Аферата Елсинор“. Автор на текстот и режисер е Љубиша Георгиевски, кој прославува 55 години творештво и 77 години живот.
Ова е втора премиера во возобновениот објект на МНТ, по „Вечната куќа“ на Јордан Плевнеш со која се отвори тетарот крај Вардар.
Прославата на јубилејот на Георгиевски, 55/77 продолжува. Како што најави, во Драмски театар ќе ја работи„Далајлама“, една поведра пиеса, а завршениот дел од прославата на јубилејот ќе биде на „Битфест“, каде што ќе ја работи пиесата „Геноцид“, која би требало да се игра на Хераклеја. Гергиевски е при крај и со книгата што ја подготвува, „Театарски магии“.
Текстот за „Аферата Елсинор“ е работен според „Хамлет“ на Вилијам Шекспир.
– Ова е телеграфска и синкретичка претстава во три дела. Текстот е дијалог со Шекспир во вид на пиеса, на тема: Случајот Елсинор. Претставата е направена во три дела и е рашомонијада – објасни Георгиевски.
Тој побара публиката да ја заврши претставата што тој не ја завршил, затоа што „од сите мои 165 досегашни претстави ниту една не довршив, и, да не бевте вие, публиката, ќе си останев и самиот недовршен. Затоа ве молам, да не сеирите, туку да ја довршите претставата“, се вели во манифестот на авторот.
Во претставата играат: Владо Јовановски, Ирена Ристиќ, Јордан Симонов, Искра Ветерова, Ѓорѓи Јолевски, Борче Начев, Магдалена Ризова-Черних и други. Ѓорѓи Јолевски, кому по деценија и половина откако го одигра Хамлет во Драмски театар сега му е доверена улогата на Полониј – маршал на дворот на Данска и татко на Офелија, вели дека бил актер во еден луд концепт кој го вовлекол „во центрифугата на светското лудило и политика, на големите трагедии, но дадени преку една неверојатна форма која што понекогаш доведува и до гротеска“.
– Првпат во мојот актерски живот дојдов до ситуација да ми се лоши од ликот што го толкувам. Да не можам да го играм. Имаше еден период во процесот на работа кога не можев да излезам на сцена затоа што толку ми се гадеше од постапките и принципите кои што Полониј ги има како стратегија на неговото живеење – вели Јолевски.
Актерот Јордан Симонов рече дека мислел оти Хамлет нема да му се случи, дека го одминал во кариерата.
– Но, сум бил во заблуда мислејќи дека Хамлет треба да биде помлад. Му благодарам на Љубиша што ми ја разреши мојата заблуда – рече Симеонов.
Сценограф е Мери Георгиевски, а костимограф Никола Ефтимов, македонскиот моден дизајнер, кој првпат работи како костимограф. Елена Јовановска го дизајнираше плакатот за претставата, а изборот на музиката е на Љубиша Георгиевски.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.