| четврток, 6 декември 2018 |

Поранешниот чешки премиер Петр Нечас обвинет за корупција

Чешката полиција го обвини поранешниот чешки премиер Петр Нечас за потплаќање на тројца поранешни пратеници, објавија чешките медиуми.

Како што јави дописникот на МИА од Прага, информацијата ја потврди адвокат на Нечас, Јозеф Лжичар.

Според државниот обвинител, поранешните пратеници, сопартијци на Нечас од Граѓанската демократска партија (ОДС) се откажале од своите функции во периодот кога требаше да бидат донесени пакет закони за рестрикции на буџетските трошоци, со кои тие не се согласуваа, а во замена добиле високи функции во државни фирми.

Зделката за стекнување на противправна корист на пратениците Марек Шнајдер, Петр Тлухор и Иван Фукса според обвинението ја направил експретседателот на Владата, Нечас. Поради аферата, Нечас минатата година поднесе оставка од премиерската функција, а се откажа и од лидерската функција на Граѓанската демократска партија (ОДС).

Покрај корупциската, беше обелоденета и афера за незаконско прислушување на неговата тогашна сопруга во што беше вмешана неговата најблиска соработничка Јана Нагиова, против која и е поднесено обвинение. Аферите резултираа со обелоденување на љубовната врска меѓу Нечас и Нагиова, кои подоцна стапија во брак.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top