
Група од 40 американски конгресмени се потпишаа на писмото, подготвено од конгресмените Мајкл Тарнер и Елиот Енгел, со кое се бара прием на Македонија и на Црна Гора во НАТО на претстојниот самит во Велика Британија во септември, јави дописникот на МИА од Вашингтон.
Со писмото воедно се бара и унапредување, односно отворање на МАП-процесот за Босна и Херцеговина и за Грузија, како и внесување на Косово во програмата Партнерство за мир. Писмото е упатено до американскиот државен секретар Џон Кери.
– Со наближувањето на самитот на НАТО во Британија, ве повикуваме да ги продолжите напорите за проширувањето да биде клучен приоритет за САД и за алијансата. Сметаме дека САД треба да продолжат со тесна соработка со аспирантските земји Грузија, Македонија, Црна Гора и Босна и Херцеговина, како и со другите земји од средна и источна Европа, кои бараат поблиски односи со САД и со НАТО. 25 години по крајот на Сутдената војна, земјите од централна и источна Европа побараа независност, демократија и партнерство со САД и со НАТО. Низ разните програми за соработка, главно водени од НАТО, беа спроведени значителни реформи и обезбеден голем економски пораст, поодговорно управување и владеење на правото за милиони Европејци, а во изминатите две децении духот на колективна безбедност на НАТО беше темелникот на стабилноста во регионт. Цврсто веруваме дека искрената перспектива за членство во НАТО за оваа актуелна група земји – аспирантки дополнително ќе ги засили демократските институции и вредности и ќе ја зголеми стабилноста и безбедноста во регионот, пишува во писмото упатено до секретарот Кери.
Конгресмените го предупредуваат секретарот Кери дека искуството со Украина, и нејзиното одбивање да потпише договор за асоцијација со Европската унија и оддалечување од интеграциите во НАТО, се потсетник за опасностите од прекинувањето на проширувањето на алијансата.
Конгресмените предупредуваат на опасноста од притисоци врз земјите–аспирантки од страна на надворешни сили, кои сакаат да го поделат континентот и да ја поткопаат посветеноста на визијата за обединета, слободна и мирољубива Европа.
– Доколку не успееме да ги признаеме и наградиме значителните напори, можно е земјите–аспирантки да се откажат од натамошно спроведување демократски реформи и да ослабне нивната посветеност кон влегувањето во партнерски односи со евроатланските институции. Соединетите Американски Држави со нашите сојузници се пред клучна точка во која е неопходна акција за да се обезбеди идната суштественост и одржливост на НАТО, пишува во писмото, кое освен од Тарнер и Енгел е потпишано од конгресмени како Том Котон, Кендис Милер, Бил Паскрел, Роберт Адерхолт, Френк Волф, Алси Хејтингс и други конгресмени скоро еднакво поделени меѓу Републиканската партија и Демократската партија.
Собирањето на потписите е резултат на заедничките напори на дипломатските претставништва на овие земји и здруженијата на заинтересираните држави. Писмото на крајот на минатата недела беше доставено до Стејт департментот. Обединетата македонска дијаспора го поздравува испраќањето на овој вид отворена поддршка за аспирациите за НАТО на Македонија до Стејт департментот.
– Не можеме доволно да им се заблагодариме на конгресмените Тарнер и Енгел, двајца силни пријатели на Македонија и на регионот, но, пред сè, и огромни поддржувачи на проширувањето на НАТО, за тоа што го одржуваат ова важно прашање во живот и го промовираат пред американската администрација во пресрет на самитот на НАТО. Тоа што писмото го потпишаа 15 членови на Комитетот за надворешни работи, седуммина од поткомитетот за Европа и десет членови на Комитетот за одбранбените сили, покажува дека расте поддршката за проширувањето на НАТО во време кога САД и НАТО ја преиспитуваат иднината на aлијансата, изјави Мето Колоски од Обединетата македонска дијаспора.
Неодамна неколку истакнати сенатори, како Џон Мекејн и Кристофер Марфи, како и влијателниот поранешен сенатор Ричард Лугар, дадоа поддршка за иницијативата самитот на НАТО во британскиот град Њупорт, во септември, да биде посветен и на проширувањето. Сенаторите потсетија дека на последниот самит, каде што САД беа домаќини во Чикаго, тогашната државна секретарка Хилари Клинтон најави дека премногу долго време поминало без прием на нови членки, и следниот самит треба да биде самит на проширување.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


