Со претставата „Аферата Елсинор“, чијашто премиера е в среда, на 12 февруари (20 часот), во новиот објект на Македонскиот народен театар (МНТ) Љубиша Георгиевски, еден од најавангардните македонски режисери, го почнува одбележувањето на 55 години творештво и 77 години живот. Георгиевски е автор на текстот, кој е работен според „Хамлет“ на Вилијам Шекспир.
– Ова е телеграфска и синкретичка претстава во три дела. Текстот е дијалог со Шекспир во вид на пиеса, на тема: Случајот Елсинор. Претставата е направена во три дела и е рашомонијада – објасни Георгиевски.
Тој побара публиката да ја заврши претставата што тој не ја завршил, затоа што „од сите мои 165 досегашни претстави ниту една не довршив, и, да не бевте вие, публиката, ќе си останев и самиот недовршен. Затоа ве молам, да не сеирите, туку да ја довршите претставата“, се вели во манифестот на авторот.
Владо Јовановски, кој го толкува ликот на Клаудиј, кралот на Данска, смета дека текстот е вонвременски и искрено се надева дека, можеби, некој друг ќе посака повторно да го режира.
– Текстот говори за работи што не се дневнополитички, а ги содржи сите конфликти што ги има во денешницата. Овој процес на подготовка на претставата ми дојде како илјач. Тоа што восхитува кај професорот Георгиевски е што тој може да направи дистанца меѓу авторот на текстот Георгиевски и режисерот Георгиевски – вели Јовановски.
По подолга пауза во театарот се враќа и актерката Ирена Ристиќ, која го игра ликот на Гертруда, кралицата на Данска. Ристиќ најави дека со Георгиевски ќе ја продоложи соработката, но во нејзниот матичен театар, во Драмски, каде што ќе игра уште една насловна улога.
Георгиевски е автор на текст и режисер на претставата, а во неа играат: Владо Јовановски, Ирена Ристиќ, Јордан Симонов, Искра Ветерова, Ѓорѓи Јолевски, Борче Начев, Магдалена Ризова-Черних, Гораст Цветковски, Славиша Кајевски, Александар Ѓорѓиоски, Емил Рубен, Никола Ацески, Александар Микиќ, Никола Ацески, Трајче Георгиев, Дарја Ризова и Арна Шијак.
Сценограф е Мери Георгиевски, а костимограф Никола Ефтимов, македонскиот моден дизајнер, кој првпат работи како костимограф. Елена Јовановска го дизајнираше плакатот за претставата, а изборот на музиката е на Љубиша Георгиевски.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.