| четврток, 6 декември 2018 |

(Видео) ВМРО-ДПМНЕ: Потпретседателот на СДСМ Дамјан Манчевски вмешан во тендерски скандал

ВМРО-ДПМНЕ денес објави скандал во кој директно е вмешан потпретседателот на СДСМ, Дамјан Манчевски.

Во продолжение следува интегрален текст од прес-конференцијата на Илија Димовски, член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ и директор на Центарот за комуникации на ВМРО-ДПМНЕ.

Денес ќе ја информираме јавноста за сомнителен и коруптивен скандал во кој директно е замешан потпретседателот на СДСМ господинот Дамјан Манчевски.

Во овој скандал е вмешан и градоначалникот на Куманово, Зоран Дамјановски – Циц.

Ако мислевте дека новите личности во врвот на СДСМ се случајно избрани од денес ќе знаете дека не е така. Дури и за тие личности од СДСМ за кои сите мислевме дека се нови и чисти, денес можеме да заклучиме дека не се.

За што станува збор?

На 28.1.2011 година е склучен договор за јавна набавка меѓу општинското јавно претпријатие „Куманово паркинг“ и извесна фирма од Белград со име „Метропаркинг“.

За информација, директор на општинското јавно претпријатие „Куманово паркинг“ во моментот на склучување на договорот бил Трајко Трајковски, назначен од страна на градоначалникот Зоран Дамјановски – Циц. Овој директор е познат во Куманово по тоа што целиот работен век го поминува на високи партиски функции во СДСМ и СКЈ, но и на државни функции.

Фирмата „Метропаркинг“ од Белград е приватна фирма во сопственост на повеќе лица, меѓу кои и извесен Дејан Симиќ.

Во Република Македонија постои фирма „Метропаркингплус“ Скопје основана на 16.6.2010 година. Во скопската фирма еден од основачите е и веќе споменатиот Дејан Симиќ од Белград.

Факт е дека „Метропаркинг“ Белград е капитално поврзана со „Метропаркинплус“ Скопје. Двете фирми имаат ист еден од основачите и сопствениците.

Сега ќе ви го соопштам најзначајното. Еден од сопствениците на скопската „Метропаркингплус“ Скопје од самото основање, па и во моментот на добивање на тендерот од општинското јавно претпријатие „Куманово паркинг“, на 28.1.2011 година, е потпретседателот на СДСМ, господинот Дамјан Манчевски.

Според јавно достапните документи Дамјан Манчевски е сопственик на фирмата „Метропаркингплус“ Скопје во моментот кога фирмата „Метропаркинг“ од Белград го добива тендерот за стопанисување со паркинзите во град Куманово, каде што градоначалник е Зоран Дамјановски – Циц од СДСМ.

Пред неколку месеци Дамјан Манчевски е избришан како сопственик на „Метропаркингплус“ Скопје и тоа во период кога ја добива функцијата потпретседател на СДСМ. Но, тој и понатаму, до ден денес останува лице за контакт на скопската „Метропаркингплус“. Неговата лична е-адреса до ден денес е заведена како адреса за контакт на скопската фирма.

Тоа што ние го знаеме е дека реален извршител на тендерот, фирма што ги има преземено сите права и обврски според договорот и комуникацијата со општинското јавно претпријатие „Куманово паркинг“ не е српската „Метропаркинг“ од Белград, туку нејзината ќерка-фирма „Метропаркингплус“ од Скопје, чијшто еден од сопствениците е токму потпретседателот на СДСМ Дамјан Манчевски.

Видливо е сè. Белградска фирма добива тендер за да се скрие трагата и го преотстапува на скопската, чијшто сопственик и основач е потпретседател на СДСМ и близок соработник на највисоките функционери на таа партија. Дополнително, овие две фирми се и капитално поврзани.

Сегашниот потпретседател на СДСМ си добил работа во општина што е раководена од градоначалник на СДСМ.

Денес, кога граѓаните на Куманово плаќаат високи сметки и казни за паркирањето во својот град, треба да знаат дека парите завршуваат на сметка на фирма каде што сопственик бил партиски колега на нивниот градоначалник Зоран Дамјановски, но и потпретседател на СДСМ Дамјан Манчевски.

Ако мислевте дека во СДСМ функциите се добиваат случајно и ако мислевте дека Дамјан Манчевски од небо станал потрпетседател на таа партија, денес треба да знаете дека не е така. Во СДСМ само вака се напредува.

И ова раководство на СДСМ, сепак, потекнува од старата школа на СДСМ.

Највисокиот врв на СДСМ повторно е вмешан во крупен тендерски скандал.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top