Во очекување на нови протести, функционерите и сите вработени во претседателството на Босна и Херцеговина околу пладне ја напуштија зградата во центарот на главниот град, во која е седиштето на босанско-херцеговскиот државен врв.
Претседавачот на претседателството на БиХ , Жељко Комшиќ, во раните утрински часови на кратко дошол во неговата канцеларија, која е тешко оштетена од пожарот што гореше во петокот, но по препорака на Дирекцијата за координација на полициските тела, тој ја напушти зградата пред најавеното собирање на демонстрантите.
Пред зградата засега сѐ уште нема демонстранти, а се собрани речиси сите медиумски куќи. Голем број на полициски службеници ја обезбедуваат зградата и раскрсницата пред неа, која сега е блокирана. Вработените во претседателството на пладне панично ја напуштаа зградата, а по наредба на врвот, со себе ги изнесуваа и сите документи, архивата и компјутерите, пишува „Дневни аваз“.
Во неколку босански градови, меѓу кои и Мостар, Бугојно, Ливно и Бјелина, за денес се најавени нови собири на граѓаните.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.