| четврток, 6 декември 2018 |

Вардар и Металург во осминафиналето на Лигата на шампиони

вардар ракомет_023

Ракометарите на Вардар се пласираа во осминафиналето на Лигата на шампионите. Тие во клучниот натпревар го совладаа белорускиот тим Динамо Минск со 30:22 и си обезбедија место во нокаут-фазата. Покрај Вардар, и тимот на Металург се пласираше во фазата топ 16.

вардар ракомет_028

Во одличното прво полувреме, Вардар постојано беше во водство.

Почна со серија од 4:1, а по израмнувањето на 5:5, па 6:6 на половина од првиот дел, серија од 5:1 Вардар дојде со предност од 11:7 во 24. минута. Во првите 30 минути, Дибиров постигна 6 гола,  Тоскиќ постигна три, Карачиќ два погодока, па на пауза вардарци заминаа со водство од 14:11.

вардар ракомет_026

Милиќ, одлично ја заврши својата работа, и до крајот на натпреварот придонесе со 11 интервенции. Во второто полувреме гостите се обидоа да ја намалат разликата, стигнаа до 13:15, но со головите наТоскиќ и Брумен, Вардар ја врати дотогаш највисоката предност од 17:13, па преку Карачиќ и Петрич и Дибиров за првпат зголеми на шест разлика (20:14), во првите десет минути игра. Во средишницата на полувремето, со новите три гола на Карачиќ и еден на Дибиров, не само што беа амортизирани обидите на белорускиот состав за резултатиски приклучок, туку предноста беше зголемена на 24:17.

Со слична разлика Вардар влезе во последните десет минути, а во 53. минута со седмиот погодок на Карачиќ беше остварена највисоката разлика, 28:20. Тоа беше најава на ревијална завршница на македонскиот шампион, кој во голем стил го заврши натпреварот, со убедлива победа, која и теоретски му обезбедува место меѓу 16 најдобри европски клубови.

вардар ракомет_027

Дибиров беше најефикасен во триумфот на Вардар со 8 гола, Карачиќ постигна 7, Тоскиќ 4, а Петриќ, Брумен и Чипурин постигнаа по 3 гола, додека кај гостите Рутенка и Нинчевиќ со по 7 гола беа најдобри поединци во нападот.

вардар ракомет_024

Со оваа победа Вардар е сигурен учесник во следната фаза, а во последните два натпревара ќе се бори за втората или третата позиција во групата, што може да му донесе условно полесен противник во осминафиналето на Лигата на шампионите.

 

Фото: Александар Ивановски

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top