Доколку се случи предвремени парламентарни избори да отпочнат во вториот круг на претседателските избори, тогаш пред нас се јавува еден сериозен проблем, во делот кадешто ќе се испомешаат датумите на едната кампања, на другата кампања и на молкот, рече претседателот на Државната изборна комисија, Никола Рилкоски во интервју за Радио Слободна Европа и додаде дека бараат решение за секој случај.
– Државната изборна комисија има и капацитет и искуство, меѓутоа ако ова се случи мислам дека за првпат ќе се случи едно такво поклопување на термините, така што не е во прашање за капацитетот на ДИК, туку во прашање е изнајдување модуси како да ја пребродиме таа ситуација – вели Рилкоски.
Тој додаде дека ДИК се подготвува, но дека не е подготвена дефинитивно, затоа што има непознаници.
Тој очекува сите да вложат максимум напори за да го испочитуваат изборниот законик се со цел да покажат волја и спремност дека тој ќе се спроведува.
– За конечно пречистен текст на избирачкиот список не можам да речам, иако од почетокот на моето доаѓање и онака како што зацртавме во самата изборна комисија евентуално да дојдеме до такво нешто, не стигнавме. А тоа беше нашата заложба, ние во целост како Државна изборна комисија да го имаме списокот и да го обработуваме. До овој момент не е така, бидејќи онаа обработка која се заснова на техниката на обработка на избирачките списоци, методологија итн., сè уште се наоѓа во Државниот завод за статистика. Во оној момент кога ние ќе можеме сами да го правиме тоа што го чини Државниот завод за статистика, тогаш ќе можеме, бидејќи веќе и одговорноста ќе е наша. Тогаш ќе можеме да речеме, да ние го сработивме и гарантираме дека изборниот список е во целост исчистен. Во тој дел ние донесовме само одлука дека сме спремни – вели Рилкоски.
ДИК побарала од Владата да го преземе тој дел, но оттаму сè уште не добила одговор.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.