Во Сараево утрово ситуацијата е мирна, без протести, но демонстрантите најавија дека денеска попладне повторно ќе се соберат пред зградата на Претседателството на БиХ.
Демонстрантите, кои протестираат од петокот, вчера попладнето па сè до вечерта ја блокираа главната улица во центарот на Сараево. Пред заминувањето тие ги повикаа граѓаните денеска попладне повторно да се соберат пред зградата на Претседателството, укажувајќи дека на улица треба да излезат сите граѓани на БиХ бидејќи сите живеат тешко.
Околу 200 луѓе го блокираа вчера сообраќајот во улицата пред Претседателството на БиХ во Сараево, барајќи оставка на власта. Тие бараат оставка на Владата на Кантонот Сараево и Федерацијата БиХ, како и формирање непартиски влади.
Како што јавија вчера босанските медиуми, премиерот на Кантонот Сараево, Суад Зељковиќ, од Партијата за демократска акција, поднел оставка.
Високиот претставник на меѓународната заедница во БиХ, Валентин Инцко оцени дека доколку ситуацијата во земјата ескалира, ќе треба да се размислува и за ангажирање трупи на ЕУ.
– Во вторник ќе ја разгледаме ситуацијата во БиХ во меѓународниот управувачки одбор. Австрија ќе го зголеми бројот на своите војници во Босна. Ако состојбата ескалира, ќе мораме евентуално да размислуваме за трупи на ЕУ. Меѓутоа, сега не, изјави Инцко за виенскиот весник „Курир“.
Сепак, тој ги оправдува протестите на граѓаните, нагласувајќи дека социјалната нерамноправност довела до сето ова, но истовремено потврдува дека „делумно причина за хаосот е и нефункционалната државна конструкција“.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.