СДСМ освен што денес ја обвини Владата користејќи неточни тези ги навреди и медиумите, но и македонските граѓани. Владата на Република Македонија се спротивстави на денешните лажни обвинувања од СДСМ, кои според нив биле кажани на низок стил на комуникација полн со очај, гнев и фрустрација. Владиниот портпарол Александар Ѓорѓиев остро реагираше на вакво однесување од страна на СДСМ, потенцирајќи дека опозицијата мора да разбере дека македонските граѓани се самосвесни и интелигентни и тие не можат да бидат манипулирани.
Во врска со информативните активности кои Владата ги пренесува преку медиумите, а се со цел граѓаните навремено и точно да бидат информирани, Ѓорѓиев вели дека истите се во согласност со законот, реализирани преку независни професионални агенции, а доставени кон сите национални куќи.
-Прво, ние никогаш не сме криеле, нема ни да криеме, и нема ни зошто да криеме дека реализираме информативни активности преку медиумите чија што единствена цел е информирање на граѓаните за нивните права и можности и промоција на вредностите во општеството. Информирање на граѓаните за правата и можностите кои произлегуваат од проектите кои ги реализираме и делата кои ги создаваме како Влада, на можностите за граѓаните за обезбедување на подобра здравствена заштита, подобар пристап до правдата, поголема информираност за правата, за можностите за вработување, за пристап до субвенциите, развој на туризмот и други дејности и ги промовираме вредностите во општеството како што се прославата на празниците, градењето на мултиетничко и мултирелигиозно општество и останатите вредности. Тука нема ништо спорно ни чудно. Ние пред две недели до сите медиуми јавно, транспарентно, прецизно информиравме за сите информативни активности кои ги имаме реализирано во 2013 година, за периодот во кој се извршило емитувањето и за периодот во кој се сервисирани обврските по однос на тие информативни активности за владините проекти преку медиумите, истакна владиниот портпарол.
Ѓорѓиев посочи дека Владата ќе реагира на секое вакво потценување на граѓаните од страна на СДСМ.
-Владата секогаш ќе ги осудува обидите на СДСМ за навреда на граѓаните на Република Македонија. Тие денес обвинија дека Владата манипулира или, како што велат, им го пере мозокот на граѓаните. Граѓаните на Република Македонија не можат да бидат манипулирани.Граѓаните на Република Македонија се слободни, слободоумни, самосвесни, интелигентни граѓани кои знаат да гледаат, да вреднуваат, да судат, да оценуваат да одземаат и да даваат поддршка, истакна Ѓорѓиев.
Владата ја повикува опозицијата да престане со комуникација на ниско ниво, а најмногу да престане да го навредува народот.
-Ве повикуваме да имаме борба на идеи. Ако решат да продолжат да комуницираат покажувајќи очај, гнев и фрустрација, ние сепак ќе продолжиме со дела и проекти за добро на сите граѓани, заклучи Ѓорѓиев.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.