Фото: Алсат М – 29.декември 2013г.
На 28-годишниот Н.А. од Скопје вчера му е одреден притвор за напад на полицаец со нож. Притворени се и скопјаните С.С.(32), А.Е.(37), С.А.(37) и С.А. (32), зашто спречувале полицајците од единицата Алфа да интервенираат, а на тројца учесници во инцидентот Е.С.(37), М.Ш.(40) и Џ.Ф.(37) од Скопје, за истото кривично дело им е изречена мерка внимателност.
Настанот се случил на 29 декември 2013 година кај пешачкиот мост на Бит-пазар околу 14 часот, кога полицајците од Алфа лишиле од слобода две лица кои на улица нелегално продавале пиротехнички средства. На апсењето се спротивставиле меѓу 500 и 700 луѓе кои се насобрале за кратко време и блокирале улица за да оневозможат движење на полицијата.
Како што соопшти МВР, првопријавениот Н.А. со метална палка удрил полицаец, а другите седуммина пријавени ги попречувале полицајците и и овозможиле на толпата да ја земе запленетата пиротехника и да ги ослободи двајцата приведени. Кога полицаецот, кој бил туркан и влечен од толпата, испукал два предупредувачки истрела, Н.А. извадил нож и му нанел убодна рана во задниот дел од бутот. Полицаецот испукал уште два куршума во воздух за да го одбие од себе напаѓачот и масата луѓе.
Во инцидентот биле фрлани тврди предмети и пиротехнички материјали кон Алфа тимовите, при што еден полицаец добил изгореница од прв степен на десната нога. За да ја одбијат толпата, полицајците испукале неколку проектили во воздух. Ситуацијата била ставена под контрола откако на местото дошле седум тимови на Единицата Алфа. Толпата се повлекла низ пазарот и околните улици на чаршијата.
МВР информира дека сите пријавени се познати сторители на насилни деликти, недозволена трговија со оружје, фалсификување пари и имотни деликти за што од надлежен суд им се изречени затворски казни, а на С.С. и С.А. им се изречени условни казни затвор за недозволена трговија со пиротехнички средства.
Обновено во 14:37
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.