РК Вардар в недела го игра клучниот натпревар во Лигата на шампионите во рамките од осмото коло против тимот на Динамо Минск во СЦ „Борис Трајковски“ за пласман следната фаза.
Со победа „црвено-црните“ сигурно ќе се пласираат во ТОП16 фазата од најелитното натпреварување.
Тренерот на Вардар, Раул Гонзалес, предупреди дека не смее да има импровизации и тимот ќе мора да оди на победа.
– Ова е решавачки натпревар, кој мора да се победи. Максимално сме подготвени за оваа средба со играчите што ги имаме на располагање. Динамо е одлична екипа, посебно сега откако го зедоа и Словенецот Борут Мачковшек. Нивната слабост беше на надворешните позиции, но сега тоа е веќе минато. И за нив ова е решавачки натпревар и ако успеат да победат ќе бидат тие што ќе се пласираат во следната фаза – изјави Раул Гонзалес тренерот на РК Вардар.
Гонзалес имаше деби со победа за Вардар во пријателскиот натпревар со Веспрем. На тој меч Тимур Дибиров беше џокерот за Вардар каде што во мечот успешно се претстави и како плејмејкер и како пикер.
– Подготвени сме да се носиме со ситуацијата што ја затеков во клубот. Едниствените двајца неповредени играчи на бековската позиција се Петриќ и Абутовиќ. Карачиќ, Лазаров и Прибак ќе бидат во составот, но тие тренираат со намален интезитет и се со ограничени можности. И другите екипи имаат повредени играчи како нас и ние мора да се носиме со тоа – додаде Гонзалес.
Капитенот на Вардар Филип Лазаров даде свое видување за натпреварот со Динамо.
– Да ни понудеше некој на почетокот од Лигата на шампоните пласманот во следната фаза да ни зависи од натпреварот против Динамо на домашен терен, со сигурност ќе прифатевме. Сега сме во таква ситуација и мора да ја искористиме. Играме пред домашна публика, но нè чека тешка борба бидејќи Динамо не заостанува со квалитетот во однос на водечките тимови. В недела ќе победи тимскиот дух на екипата, кој го градиме од почетокот на сезоната – изјави Лазаров.
Растворцев и Душебаев со сигурност не можат да им помогнат на своите соиграчи.
Натпреварот се игра в недела, во 18.00 часот. Од РК Вардар информираат дека вратите во салата ќе бидат отворени од 16.15 часот, па сè до 15 минути пред натпреварот. Продадени се сите карти и се очекува пеколна атмосфера.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.