Подготвен е Изборниот закон, Македонија е подготвена за избори. Опозицијата е задоволна, барањата се задоволени, време е за тест на новиот Изборен законик. Така барем вели кујната од Бихаќка, која го направи рецептот за Изборниот законик, зготвен во Собранието. Но, очигледно, СДСМ подзаборави дека не е единствената опозициска партија и дека има и други партии што се појавија на политичката сцена и претендираат да станат сериозна опозиција.Или намерно го направија тоа – да се спречи патот на новоформираните партии, главно формирани од таканаречените отпадници од СДСМ?! Па така новоформираните партии, како партијата на Стевче Јакимовски, ГРОМ, и партијата на Владо Бучковски, Граѓанска алијанса за позитивна Македонија, чијшто лидер е Љупчо Зиков, немаат простор на јавниот сервис за промовирање на своите активности за време на изборната кампања.
Новиот Изборен законик предвидува дека Јавниот радиодифузен сервис е должен, без надомест, во соработка со Државната изборна комисија, да ги информира граѓаните за начинот и за техниката на гласање и да емитува други информации поврзани со изборниот процес, но просторот ќе го добиваат во согласност со освоените гласови на последните избори.
Па така, за време на кампања МТВ е должна една третина од вестите да ја резервира за настаните од Македонија и од светот, една третина за активностите на партиите од коалицијата, која е моментно на власт, и една третина за партиите што се во опозиција. Која политичка партија колку простор ќе добие зависи од бројот на гласови, односно времето за информирање за активностите на кампањата на политичките партии од власта и од опозицијата ќе биде распределено во согласност со резултатите од последните парламентарни избори. Се поставуваат неколку прашања. Првото од нив е каде се партиите што се формирани по последните избори и тие што не учествувале на последните избори. Дали тоа значи дека политичките партии формирани меѓу два изборни процеса немаат право на бесплатно емитување на нивните активности? Дали партиите се рамноправни? Законот вели дека радиодифузерите, без оглед на јазикот на кој го емитуваат својот програмски сервис, се должни за време на изборната кампања на учесниците во кампањата да им овозможат еднакви услови за пристап до сите облици на изборно медиумско претставување – вести, посебни информативни програми (интервјуа, дебати, ТВ/радио соочувања… Но тоа е спречено со самиот закон.
СДСМ си ги нареди работите
Стевче Јакимовски е еден од тие, кои, судејќи според членот 76 а од Изборниот законик, нема да може да добие бесплатен простор во вестите на јавниот сервис за промоција на активностите на ГРОМ за време на кампањата. Тој вината за ваквата дискриминација на малите партии ја гледа во алчноста на СДСМ, кој, како што вели, со плачење се обидува да го добие тоа што му оди во прилог.
– Тука се гледа некоректниот однос и плачковската навика на СДСМ. Тие плачеа, плачеа, ама плачеа за предноста на власта кон опозицијата. А никаде не споменуваат за нивната предност во однос на новите политички партии, кои не учествуваа на минатите избори. Што сака СДСМ да каже? Дека ГРОМ не постои? Дека ГРОМ нема да има пратеници? Дека ГРОМ нема рејтинг? Каде е тука коректноста и реалноста на СДСМ кога настапуваше и цело време плачеше за новиот Изборен законик, кој е направен по теркот на СДСМ. И по која логика политичките партии што не учествувале на претходните избори немаат правична застапеност во јавната презентација, односно за информирањето на граѓаните на јавниот радиодифузен сервис. Тоа е апсолутно некоректно – вели Јакимовски.
Тој има уште една забелешка во однос на Изборниот законик. Негодува што тие како новоформирани партии немаат членови во избирачките одбори, туку само набљудувачи.
– Целата борба што СДСМ ја правеше ја правеше за да оствари некоја предност во однос на власта, но во исто време и во однос на партиите што сега се појавуваат на политичката сцена. Се гледа како се однесуваат тие кон тие партии за кои сметаат дека се послаби од нив. Барем во нивната глава се гледаат како посилни – коментира Јакимовски за „Република“.
Се обидовме да добиеме одговор на ова прашање и од другите новоформирани партии. Зиков од Граѓанската алијанса за позитивна Македонија не беше во можност да ни даде конкретен одговор на ова прашање. Не се согласува со ваквата одлука, но вели ќе мора законот да се разгледа подетално и да се реагира за сите делови поради кои новоформираните партии се нерамноправни во однос на другите.
И возобновената ПДП не се согласува со ваквата одлука, но оттаму велат дека сѐ уште не можат да коментираат бидејќи треба да поминат триесетина дена од основачкото собрание, со што би завршиле сите процедури за регистрирање на партијата.
Закон напишан со неквалитетен речник
Виктор Грозданов, познавач на состојбите во медиумската регулатива, вели дека овој закон е напишан со „целосно неквалитетен речник, спротивен на сите модерни медиумски и политички трендови што се случуваат во последните три години. Пред сѐ, неговите забелешки се однесуваат на истите членови, кои ја одредуваат медиумската застапеност на партиите за време на изборната кампања.
– Во членот 75 воопшто не се споменати интернет-медиумите. Според последните анализи, 56 проценти од населението се информира од ваков тип медиуми, а во континуитет се одбегнува тие да бидат регулирани со овој закон. Тоа значи дека заедно со социјалните мрежи ќе бидат предводници на посебен тип медиумска кампања, наспроти традиционалните медиуми, пред сè печатените, кои, за жал, моментно во нашата држава го губат приматот на квалитетно известување и анализа. Ова значи дека на овие избори, кои се, пред сѐ претседателски, а, најверојатно, и предвремени парламентарни, ќе бидат во предзнакот на нов тип медиумски кампањи, кои ќе го одбегнат и така нашиот сиромашен изборен закон – вели Грозданов.
Во однос на членот 76 од Изборниот законик, вели дека е директно поврзан со претходниот член за фаворизирање на учесниците на претходниот изборен циклус, без разлика дали е тоа претседателски или парламентарен.
– Во моменти на создавање нови политички субјекти, кои ќе атакуваат на довербата, пред сè, на граѓанско-либерално-неопределените гласачи, наспроти конзервативните демохристијани и социјалдемократи, недозволиво е времето на информирање за активностите на политичките партии да се сведе само на распределување во согласност со резултатите од последните парламентарни избори – додава Гроздановски.
И Советот за радиодифузија се согласува со забелешките на помалите партии. Оттаму сметаат дека законот наметнува нерамноправност на новите партии во однос на постарите партии. Поради тоа, Советот на последната седница донел одлука за активностите на новоформираните партии јавниот сервис да известува во третината од информативната програма наменета за настани од Македонија и од светот.
Македонски партии на албански јазик
И албанските партии имаат свои несогласувања во однос на членот 76. Според законот, јавниот сервис на албански јазик треба да одвои поголем простор за македонските партии, отколку за албанските партии. Па така, во согласност со резултатите од последните парламентарни избори, ВМРО-ДПМНЕ во информативната програма на албански јазик ќе добие четирипати повеќе време од тоа што би го добила ДУИ. Исти е случајот и со ДПА, која би добила некаде петпати помалку простор од СДСМ.
(Пишува: Билјана Зафирова
Текст објавен во 74. број на неделникот „Република“, 31.01.2014)
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
ВМРО-ДПМНЕ: Владата на Заев грубо го крши Изборниот Законик, и остава сомнеж дека со парите на граѓаните прави предизборна корупција
-
Министерството за финансии на крајно груб начин го крши изборниот закон
-
Јакупи од ДИК: Измените на Изборниот законик важат и за в.д. градоначалниците
-
Што смее, а што не смее да се прави за време на изборна кампања