| четврток, 6 декември 2018 |

На молитвениот појадок се зборува и за спорот со Грција

molitven pojadok

Македонските претставници утринава во хотелот „Хилтон“ во Вашингтон ќе учествуваат на традиционалниот молитвен појадок во САД, заедно со претседателот Барак Обама и илјадници учесници од целиот свет, јавува дописникот на МИА од Вашингтон.

Појадокот, кој, всушност, претставува неколкудневна серија настани, веќе им овозможи на македонските претставници, предводени од поранешната прва дама Вилма Трајковска, да ги имаат првите средби.

– Македонската собраниска делегација имаше повеќе средби со конгресмени и сенатори, и од Демократската и од Републиканската партија, каде што ги пренесовме македонските позиции и ги артикулиравме македонските аргументи за членство во НАТО и во Европската унија. Можам да кажам дека имавме навистина добри средби со конгресмените Џенис Хан, Роберт Андерхолт, Френк Волф, Рендал Хултгран, со поранешниот конгресмен Тони Хол, со сенаторот Марко Рубио. Се работи за плодна посета на САД. Нашите соговорници најмногу ги интересираат прашањата поврзани со Југоисточна Европа, и во делот со Македонија, нашето членство во НАТО и спорот кој ни е наметнат од Република Грција, изјави пратеникот Владимир Ѓорчев.

Пратеникот Андреј Петров од СДСМ истакна дека средбите ги искористиле  заеднички да демонстрираат дека кога се работи за стратегискиот интерес на државата, може да се биде заедно и да се стреми кон исти цели. Според него тука нема никакви разлики меѓу политичките партии.

– Мојот впечаток, додаде, е дека сите, особено Американците, посакуваат Македонија да биде членка на НАТО пред се, што е можно побрзо. Тука отворено зборуваме за проблемот кој постои, но она што ние го бараме од нив е САД да ја продолжат онаа мисија која ја започнаа со признавањето на Македонија под уставното име, односно да помогнат државата да стане членка на НАТО, бидејќи тоа има не само безбедносна туку и економска димензија, рече Петров.

Во делегацијата се и потпретседателката на Собранието Сузана Салиу, пратеничката Силвана Бонева и поранешниот претседател на Владата Владо Бучковски.

– Имаме можност да се сретнеме со доста влијателни луѓе во меѓународната политика на кои реално се претставуваат состојбите во Република Македонија, како што е мултиетничкиот и мултикултурниот карактер кој е идентитет на Република Македонија. Пораките се ние политичарите да бидеме повнимателни какви пораки се испраќаат во јавноста, и дека различностите треба да ги зближуваат младите, изјави Салиу.

Координаторката на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ Силвана Бонева вели дека средбите во Конгресот ги користат да се добие поддршка за надминување на грчките пречки за приемот на Македонија во НАТО.

– Баравме поддршка за Република Македонија, за нашето членство во НАТО и баравме признавање на одлуката на Меѓународниот суд во Хаг, да биде промовирана од нашите пријатели, конгресмени, лобисти и со тоа да го помогнат нашето членство во НАТО и решавањето на спорот со Грција, изјави Бонева.

За време на посетата, претставници на македонската делегација имаат средби и во Стејт департментот, во аналитичките центри во Вашингтон, како и со македонската дијаспора.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top