| четврток, 6 декември 2018 |

„Фејсбук“ наполни десет години

fejsbuk-mark-zakerberg

Социјалната мрежа „Фејсбук“ е формирана пред точно десет години, на денешен ден 2004 година и досега има фасцинантни 1,23 милиони корисници.
Заедно со „Википедија“ и „Скајп“, „Фејсбук“ е еден од најдобрите примери за тоа како интернет мрежата овозможува новите иновации да предизвикаат значајни промени во општественото живеење.
Како и интернетот, така и „Фејсбук“ е дело на еден талентиран визионер – Марк Цукерберг. Ова не е прва социјална мрежа од тој тип, но секако стана највлијателна. Кога се појави пред десет години многумина го споредуваа со интернет страната „Мајспејс“, но техничката виртуозност и неговиот почетен ексклузивитет го истакнаа „Фејсбук“ пред останатите социјални мрежи.
Во почетокот членови на „Фејсбук“ беа само студентите на еден од најелитните американски универзитети – Харвард. Но, набрзо мрежата се прошири и на другите универзитети во САД, за потоа да излезе од универзитетските рамки и да се рашири
низ целиот свет.
Според многумина, ова почетна ексклузивност во голема мерка придонесе за популарноста на сајтот, бидејќи многу корисници во почетокот едноставно само сакале да бидат дел од „ексклузивниот клуб“ заедно со студентите на Харвард.
Но, откако се отвори кон корисниците од целиот свет, за „Фејсбук“ почна да важи  Меткалифовиот закон, според кој, една социјална мрежа станува попривлечна за луѓето доколку има повеќе корисници. Оттогаш почна незапирливиот раст на „Фејсбук“ и тој стана
предмет на шпекулации, како во финансиската, така и во медиумската сфера.
Пред да почне да котира на берзата експертите шпекулираа со вредноста на компанијата „Фејсбук“, но откога нејзините акции почнаа да се продаваат со берзанските трансакции, се шпекулира околу тоа до кога ќе расте нејзината вредноста. За три месеци од почетокот на котирањето на берзата, заклучно со 31 декември 2013 година, „Фејсбук“ оствари приходи од 2,59 милијарди долари, што е за 63 проценти повеќе во однос на истиот период во предходната година.
Многу експерти растот на популарноста на „Фејсбук“ го поврзуваат со тинејџерите, односно со интересот на младите луѓе за ваквиот тип на мрежи. Меѓутоа, најновите истражувања покажуваат дека бројот на тинејџери на „Фејсбук“ е во постојан пад, а од друга страна расте цифрата на корисници од другите старосни категории, односно има се помалку тинејџери, но се повеќе ги има нивни родители, па дури и баби и дедовци.
„Фејсбук“ постави еден нов социјален графикон во светот со што современото општество вплови во нова досега непозната територија, која се базира на онлајн социјалните конекции меѓу луѓето.
Она што критичарите му забележуваат на „Фејсбук“ е постојаниот мониторинг на приватните и на јавните активности на корисниците, поради што некои дури ја споредуваа оваа социјална мрежа со американската агенција за национална безбедност (НСА). Но, „Фејсбук“ тврди дека интензивно надгледува што прават неговите корисници за да може своите услуги да ги  прилагоди на нивните потреби и барања и да дојде до прецизни инфомрации за тоа што тие сакаат.
И покрај фасцинантиот раст и популарност на „Фејсбук“ сепак се поставува прашањето што ќе се случи со оваа социјална мрежа во наредните десет години. Експертите укажуваат дека како што повеќето луѓе не знаат дека инернетот и вебот не се исто, бидејќи интернетот е глобална мрежа, а вебот е само една од услугите што тој ја овозможува, така многумина мислат дека „Фејсбукот“ е исто што и интернетот, што претставува опасност оваа социјална мрежа да го проголта интернетот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top