| четврток, 6 декември 2018 |

ЕЛЕМ бара инвеститор за ски-центарот на Водно

Vodno3

Електрани на Македонија (ЕЛЕМ) го објави тендерот за приватен инвеститор за изградба на четири ски-патеки (3.850 метри), на три ски-лифта (1.350 метри) и два подвижни тепиха (160 метри).

Во проектот за скијачкиот комплекс подготвен од Град Скопје е вклучена и изградбата на административна зграда со површина од 240 квадратни метри, во чии рамки ќе има ресторан, ски-школа и оддел за изнајмување скии. Највисоката точка на планираниот скијачки центар е на надморска височина од 1.050 метри, а најниската точка е на 570 метри, на почетната станица на постојната жичница.

Реализацијата на овој проект е предвидена со договор за јавно-приватно партнерство меѓу ЕЛЕМ и идниот приватен инвеститор, кој би бил концесионер на овој центар. Стравувањата уште од почетокот е дека оваа идеја ќе пропадне заради малите количества снег на Водно. Но, Градежниот институт на Македонија лани пронајде поголеми количества вода во близина на детското одморалиште на Водно, со што се создадоа предуслови за поставување машини за производство на вештачки снег.

Првиот тендер за проектот „Ски-центар Водно“ беше распишан од Градот Скопје уште пред две години и заврши без ниту една понуда.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top