| четврток, 6 декември 2018 |

ВМРО-ДПМНЕ бара одговорност од Дамјановски за тендерскиот скандал во Куманово

vmro-dpmne1_1

ВМРО-ДПМНЕ денеска повторно побара одговорност од кумановскиот градоначалник Зоран Дамјановски за тоа што со години доделувал тендери на фирми на блиски лица.

– Му порачуваме на Зоран Дамјановски да не се обидува да се правда бидејќи документите потврдуваат дека тој работи исто како Зоран Заев. Документите кажуваат дека еден од сопствениците бил и Горан Стојковски, сегашен директор на ЈП „Водовод Куманово“. Станува збор за човек којшто е син на поранешен пратеник од СДСМ. Очигледно дека поедини фамилии во Куманово се секогаш повластени во СДСМ. Ем добиваат највисоки функции (пратеници, директори …) ем фирмите во коишто тие биле сопственици, редовно добиваат договори за јавни набавки – рече на денешната прес-конференција Борче Стамов од ВМРО-ДПМНЕ.

Обидот на Дамјановски да го затскрие овој скандал зад други имиња, рече Стамов, е провиден поради тоа што документите што беа доставени до нас говорат дека неговиот директор на ЈП „Водовод Куманово“ бил сопственик на фирма којашто сесрдно и често добивала тендери во Општина Куманово и нејзините локални институции.

– Документите говорат дека фирмата во која Горан Стојковски бил сопственик не само што добила 14 договри со Општина Куманово, туку добила и 6 договори со „Куманово Паркинг“ и 1 договор со ЈП „Водовод Куманово“, каде што Горан Стојковски денес е директор. Вкупната вредност на договорите коишто фирмата „Електро Куманово“ ги добила по пат на овие 21 набавка изнесува фантастични 50.604.708 денари. Зоран Дамјановски, градоначалникот на Куманово, очигледно во својот човек Горан Стојковски си нашол експерт за сѐ. Ем снабдувач на општината, ем снабдувач на локалните јавни претпријатија, ем експерт за директорување на ЈП „Водовод Куманово“ – рече Стамов.

Од ВМРО-ДПМНЕ сметаат дека овој модел на практикување на власта очигледно е ист и во Струмица и во Куманово.

-Градоначалниците на СДСМ наликува како да биле на ист семинар за испумпување на пари кон проверени и блиски луѓе, рече Стамов.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top